Министерството за правда на Косово соопшти дека досега се исплатени 3,5 милиони евра за одбраната на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи пред Специјалниот суд во Хаг и дека во ниту еден момент не биле одложени исплатите за заштита на обвинетите кои се во Хаг. Од тоа Министерство, за порталот koha.net соопштија дека врз основа на важечките закони во Косово „државата не може да плати повеќе од еден адвокат“, пренесува Бета.
Претходно денеска адвокатите на Тачи, Грегори Кихо и Џо Ридер и членовите на нивните правни тимови побараа да се повлечат од процесот, велејќи дека поранешниот косовски претседател и еден од лидерите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) не ги исполнил своите финансиски обврски кон нив.
Министерството појасни дека со оглед на тоа дека законски може државата да плати еден адвокат, исплати се вршени само за адвокатот Лука Мишетиќ.
По најавата на бранителите на Тачи, претседателот на судскиот совет Чарлс Смит одлучи утре во 16 часот да започне рочиштето за одбраната на Тачи и побара на седницата да присуствува и поранешниот претседател на Косово.