Министерство за финансии: Странските директни инвестиции во 2024 година ќе достигнат 1,255 милијарди евра, двојно зголемени во однос на претходната година

Во 2024 година странските директни инвестиции се 1,255 милијарди евра и ако ги споредиме со лани тие се двојно зголемени, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска на вчерашната прес-конференција во Владата, повикувајќи се на податоци од Народната банка.

„Дури и кога ќе се споредат со рекордното ниво на СДИ во 2022 година, тие се за 70% повисоки во 2024 година. Пред се, важно е да се напомене дека растот на СДИ е изразен не само во апсолутни вредности, туку и како учество во БДП. Оттука, споредено со прогнозата за БДП за 2024 година, остварените СДИ изнесуваат 8,1%, што е највисока вредност од 2007 година. Поконкретно, споредено со целиот 15-годишен период, 2008-2023 година, СДИ никогаш не надминале 6% од БДП. На овој начин потврдуваме дека ја менуваме економската слика на државата која со години беше уништена и покажуваме дека системот се менува и има промени, додека работиме на враќање на довербата во системот“, рече таа.

Најголема вредност на СДИ во 2024 година е забележана во четвртиот квартал, каде што достигнале вредност од околу 400 милиони евра или 73,3% во однос на истиот квартал од претходната година.

Што се однесува до видот на инвестициите, СДИ се на рекордно високи и во двата вида: реинвестирање на капитал и профит и должнички инструменти. Реинвестирањето на капиталот и добивката во 2024 година изнесува 569 милиони евра, што претставува зголемување од 38,4% во однос на претходната година. Висок раст забележаа и должничките инструменти, кои ги опфаќаат средствата и обврските од и кон поврзани претпријатија во странство и кредитите на поврзаните субјекти, како и трговските кредити и побарувања на поврзани субјекти, како и средствата и обврските врз основа на други должнички инструменти на поврзаните субјекти. Впрочем, оваа категорија е главниот двигател на високиот раст на СДИ, каде се остварени 686 милиони евра, вредност која е четири пати поголема во однос на претходната година. Во голема мера, зголемувањето на должничките инструменти е резултат на должничките инструменти што странските инвеститори ги инвестирале директно во домашните претпријатија во кои инвестирале.

„Ако се анализира по земји, се забележува дека изворот на странски директни инвестиции во 2024 година е многу диверзифициран. Најголема вредност на СДИ од 256 милиони евра остварила Обединетото Кралство, каде речиси сите се во форма на должнички инструменти издадени од британски инвеститори директно на локални претпријатија во кои инвестирале. Другата земја со значајно учество е Германија, која и покрај состојбата на економијата сè уште има интерес да инвестира во Македонија, каде што продолжува да биде висок и вреди 202 милиони евра. Останатите земји со најголемо учество на СДИ во 2024 година се Турција (137 милиони евра), Холандија (67 милиони евра), Австрија (64 милиони евра), Грција (57 милиони евра)“, рече Димитриевска-Кочовска.

Во делот на активностите, најголемо учество на странските инвестиции има во преработувачката индустрија (408 милиони евра). Значајно ниво се инвестирало и во градежништвото (211 милиони евра), услугите (198 милиони евра) и електричната енергија (142 милиони евра).

„Очекуваме овој тренд да продолжи и во 2025. Инвестициите се нашиот темел врз кој креираме политики за економски раст што е основа за подобрување на состојбите во државата, вклучително и стандардот на граѓаните. Ни претстои многу работа, бидејќи она што го наследивме бара многу труд и време за да се стабилизира ситуацијата. Тоа се фактите кои говорат и покажуваат како работиме и стоиме цврсто во спроведувањето на политиките кои ги ветивме и со кои сакаме да обезбедиме подобра иднина за сите“, рече министерката за финансии Димитриеска Кочоска.