Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, изјави дека балансерот останува на сила, но потенцира дека не значи дека нема да биде предмет на дискусија за евентуално укинување. Тој истакна дека постојат институции со превработеност, а од друга страна, само 30 проценти од вработените ги исполнуваат своите работни задачи.
На прашањето во врска со намалувањето на администрацијата, во интервјуто за РСЕ, Минчев одговори дека реформите во јавната администрација треба да бидат предмет на сеопфатна анализа.
– Реформите во јавната администрација се започнати, ние влеговме во еден процес на дебата за едни закони, но тој процес треба да биде солиден и сеопфатен, во кој треба да бидат вклучени сите институции кои ги засега и јас се надевам дека во многу брз период ќе следат силни реформски процеси кои ќе бидат директно презентирани во јавноста, рече министерот.
Минчев информираше дека има институции во државата каде што бројот на вработени е преголем, но сепак можеби 30 до 40 проценти вистински ги исполнуваат своите работни задачи. Посочи и дека има инспекторати, или некои институции кои имаат 15 вработени, а имаат управни одбори од седум членови кои, како што дополни, патем земаат околу 2.000 до 2.500 евра и прават годишен трошок во Буџетот од околу 250 илјади евра, а имаат седница еднаш во годината.
– Такви институции и органи во државата има многу. Затоа е важно да најдеме добар баланс, да ја имаме реалната ситуација и мислам дека сме созреани да направиме еден голем исчекор во смисла на сериозни реформи кои ни претстојат во јавната администрација, дополни министерот.