– Со Договорот за програмата „Дигитална Европа“ на Европската Унија, кој во петокот во Брисел го потпиша министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, државава може да аплицира за проекти што ќе се финансираат од фонд со вкупен буџет од 7,5 милијарди евра, наменет за сите земји вклучени во Договорот до 2030 година.
Во оваа програма за дигитална трансформација на општеството, која е отворена пред две години, покрај земјава се придружија и Србија и Црна Гора. Поделена е во пет клучни области/столбови: вештачка интелигенција – со вкупен буџет од 2,1 милијарди евра, суперкомпјутери со буџет од 2,2 милијарди евра, сајбер безбедност со 1,6 милијарда евра, напредни дигитални вештини со 580 милиони евра и напредни дигитални технологии со вкупен буџет од 1,1 милијарда евра.
Министерот Алиу на средба со новинарите денеска истакна дека идејата е да има што повеќе апликации за проекти за што тој ќе има интензивна комуникација со цел да бидат промовирани можностите за достапноста на овие фондови и за нив да бидат информирани и поттикнати на соработка јавните институции, универзитетите и приватниот сектор.
Во четврток ќе има средба со проректори на државните универзитети и со декани на техничките универзитети за да се направи листа на експерти што знаат да пишуваат апликации за проекти. За секоја од петте клучни области ќе се формираат работни групи составени од претставници од јавните институции, од универзитетите и од приватниот/невладиниот сектор.
-Очекуваме во активностите да соработуваат јавните институции, високото образование и приватниот сектор и заедно да аплицираат на што е можно повеќе проекти за дигитална трансформација на нашата држава… Веќе од оваа недела ќе почнеме сензибилизација на институциите. Првата средба ќе ја имам в четврток, наредната недела ќе имам средба и со МАНУ и приватниот сектор. Сакам до крајот на овој месец веќе да имаме драфт работни групи, рече Алиу.
Првата апликација на Северна Македонија во „Дигитална Европа“ ќе биде за визуелизација на артефактите во земјава – проект за кој, како што рече министерот, веќе имаме идеја и материјал за аплицирање.
-Тука ќе почнеме да работиме и ќе видиме колку време ќе ни треба за да може да се аплицира, додаде министерот за информатичко општество и администрација.
Смета дека има широк опсег на области во кои може да се аплицира, како на пр. развивање иновации на компаниите, нивно дигитализирање со што ќе станат компатибилни со ЕУ и светот, проекти во образованието, како и апликации (на пример за обуки и за инфраструктура) за новата Агенција за сајбер безбедност што треба да профункционира во 2024 година, а за која за месец и половина ќе биде подготвен нацрт-законот. Унапредувањето на дигитални услуги, нагласи министерот, носат многу придобивки за подобрување на секојдневните процеси што им го олеснуваат животот на граѓаните, го заштедуваат нивното време и воедно ја намалуваат и корупцијата.
Покрај национални, апликациите за програмата „Дигитална Европа“ може да бидат и регионални, така што Алиу утре во Белград ќе има средба со министерот на Србија за можни заеднички проекти од „Дигитална Европа“ затоа што, рече, некои процеси се многу поголеми од капацитетот што ние го имаме како држава – и од аспект на нудење услуги и од аспект на човечки ресурси.
-На пример, за вештачка интелигенција ние сѐ уште немаме докторски студии и експерти кои ќе работат на проекти од оваа област во програмата. Зошто да немаме регионален центар во кој ќе се произведува кадар за вештачка интелигенција, сајбер безнедност итн? Еден од столбовите е и Напредни дигитални вештини кој поддржува обуки или студиски програми, така што планираме заедно со регионот да направиме некој регионален хаб за да аплицираме за таква студиска програма, рече Алиу.
За изборот на проекти за кои ќе се аплицира МИОА ќе се раководи по Патоказ за дигитална трансформација на државата кој, како што рече, ќе нѐ води цело време каде да аплицираме.
-Затоа што ние сме мала држава, со мал капацитет, и да не правиме од сѐ по малку, а ништо како што треба. Идејата е да имаме здрав патоказ на дигитална трансформација, рече Алиу додавајќи дека земјава нема човечки ресурси и експерти и поради тоа е најслаба во апсорбирање на фондовите на ЕУ.