Мирисите од овошје што зрее или ферментирана храна можат да предизвикаат промени во генската експресија, зголемувајќи ја можноста за користење на соединенија во воздухот за потенцијално лекување на рак или забавување на невродегенеративните болести
Една нова студија открива дека мирисите можат да ја променат генската експресија и да го запрат растот на клетките на ракот, зголемувајќи ја можноста за нови медицински лекови кои се земаат преку нос.
Неодамнешните истражувања покажуваат дека мирисите, како што се оние што се испуштаат од овошје што зрее или ферментирана храна, можат да предизвикаат промени во генската експресија надвор од олфакторниот систем. Споменатото откритие ја поттикна љубопитноста меѓу научниците, зголемувајќи ја можноста за користење на соединенија во воздухот за потенцијално лекување на рак или забавување на невродегенеративните болести.
Концептот на назална примена на лекови не е нов, но е значаен чекор од експериментите врз клетки, муви и глувци до разгледување на неговата примена кај луѓето. Покрај тоа, може да има непредвидени здравствени ризици поврзани со тестираните соединенија, што бара дополнителни студии за да се разберат последиците од ова интригантно откритие.
Целосно изненадување
Анандашанкар Реј, клеточен и молекуларен биолог од Универзитетот во Калифорнија Риверсајд, изрази изненадување од новите наоди на неговиот тим.
„Дека изложеност на мирис може директно да ја промени генската експресија, дури и во ткивата што немаат рецептори за мирис, е целосно изненадување“, истакнува тој.
Во новото истражување, објавено во списанието „ELajf“, научниците ги изложиле овошните мушички и глувците на испарливото соединение диацетил, кое го ослободуваат квасците за време на ферментацијата на овошјето.
Диацетил низ историјата се користел за давање арома на путер во храна како пуканки и е присутен во е-цигарите. Во човечките клетки одгледувани во лабораторија, диацетил делувал како инхибитор на хистонска деацетилаза (ХДАЦ), што доведува до широко распространети промени во генската експресија кај мувите и глувците.
ХДАЦ се ензими вклучени во обвиткување на ДНК околу хистоните (основни протеини со мала молекуларна тежина). Инхибицијата на ХДАЦ овозможува полесно изразување на гените, а ХДАЦ инхибиторите веќе се користат во лекувањето на ракот на крвта.
Понатамошните истражувања покажаа дека испарувањата на диацетил го запреа растот на клетките на човечкиот невробластом и ја забавија невродегенерацијата на модел на мува кај Хантингтоновата болест.
Недостатоци на истражувањето
Сепак, со оглед на потенцијалните здравствени ризици поврзани со диацетил, научниците признаваат дека тој можеби не е идеален кандидат за терапија.
„Веќе работиме на идентификување на други испарливи супстанции кои водат до промени во генската експресија“, нагласува Реј.
Гореспоменатото истражување го означува првиот извештај за вообичаените испарливи супстанции кои влијаат на епигенетските состојби во невроните и другите клетки.
Иако ова истражување претставува нова перспектива, тоа има ограничувања, вклучително и потребата за фундаментална анализа на механизмите кои лежат во основата како мирисите предизвикуваат епигенетски промени.
Долгорочните последици од продолжената изложеност на мириси со кои често се среќаваме исто така не беа истражени во таа претклиничка студија, објави „Science Alert“.
TRT Balkan