Во рамките на посетата, унгарската претседателка Новак беше пречекана со високи државни почести од страна на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
По завршувањето на средбите претседателите на Албанија и Унгарија одржаa заедничка прес-конференција.
Бегај истакна дека Унгарија безусловно ја поддржува интеграцијата на Албанија и другите земји од Западен Балкан во Европската Унија (ЕУ).
Тој нагласи дека ги цени многу добрите, историски и традиционално пријателски односи меѓу двете земји и двата народа.
Бегај рече дека на претседателката Новак ѝ изразил жалење за повредените унгарски војници пред два дена за време на немирите во северот на Косово
Во рамките на регионалната соработка, Бегај истакна дека ја цени големата посветеност на Унгарија за стабилноста на регионот на Западен Балкан, вклучувајќи го долгорочниот придонес на воените трупи на Косово, во рамките на мисијата КФОР.
„Укажав на геополитичката важност на регионот на Западен Балкан, особено во новите геополитички услови, каде што злонамерните актери се обидуваат да го дестабилизираат регионот, фокусирајќи се особено на важноста на поддршката на дијалогот меѓу Косово и Србија, како и на поддршката за Косово да се приклучи во меѓународните организации, вклучувајќи го и Советот на Европа“, додаде Бегај.
Меѓу другото, унгарската претседателка Новак нагласи дека темите за кои разговарала со нејзиниот колега се поврзани со евроатлантските интеграции на Западен Балкан, војната во Украина, економската соработка, илегалната имиграција и демографијата.
Според неа, Западен Балкан е многу важен, а рече дека мирот на Западен Балкан е важен за безбедноста на Европа.
Новак изрази поддршка за земјите од Западен Балкан што поскоро да се приклучат на ЕУ, нагласувајќи дека најважното нешто за Западен Балкан е стабилноста.
„Вниманието на сите сега е во Украина, но не можеме да заборавиме дека Западен Балкан е регион каде ситуацијата може многу брзо да ескалира, како во Босна, и во Косово. Ако го дозволиме тоа, можеме да бидеме и во воен конфликт, затоа заедно со почитуваниот претседател (Бегај) сме заинтересирани за деескалација. Ги имаме предвид мирот и стабилноста на Косово и регионот“, рече таа.
Во врска со неодамнешната ситуација и тензиите на северот на Косово, Новак рече: „Се надеваме дека таква ситуација нема да се повтори и дека ситуацијата на Косово ќе се смири што е можно поскоро и ќе го најдеме патот до долгорочен мир.“
Осврнувајќи се на руско-украинската војна, Новак нагласи дека е важно да има мировни преговори и завојуваните страни што поскоро да седнат на преговарачка маса и, според неа, да има прекин на огнот, а потоа мир во украинска територија што е можно поскоро.
Во врска со прашањето за унгарското претседавање со ЕУ, Новак рече: „Се надевам дека нема да има антидемократски одлуки за Унгарија. Тие не треба ни да помислат дека можат да го отстранат ова европско претседавање од Унгарија.“