Мисајловски: Годинава стигнуваат 92 JLTV оклопни возила, а во 2026 првите хеликоптери „Леонардо“

Македонската Армија влегува во нова фаза на модернизација и јакнење на одбранбените капацитети. Во ексклузивно интервју за Pogled.mk, министерот за одбрана Владо Мисајловски зборува за новите договори со САД, набавката на современа воена опрема, сајбер безбедноста и плановите за зголемување на бројноста на Армијата.

Министре, најавивте дека како ново раководство ќе ги потпишете првите договори со САД, кои вклучуваат набавка на современи беспилотни летала и конверзија на постоечкото оружје според НАТО-стандардите. Како овие набавки конкретно ќе ја подобрат борбената готовност на Армијата и кои ќе бидат нивните најзначајни предности во одбранбената стратегија на Македонија?

Прво што би сакал да нагласам е дека македонската Армија првенствено се развива, модернизира и опремува преку инвестициите кои оваа година изнесуваат 32% од одбранбениот буџет односно 106 милиони евра за нова и модерна опрема. Неколку пати како Министерство информиравме дека во 2025 година буџетот на одбраната е во рамки на заеднички договореното ниво во НАТО – Алијансата, а тоа е 2 проценти од бруто-домашниот производ на земјата, што во средства изнесува 329 милиони евра. Тоа значи процесот на осовременување на опремата како и континуираната подготвеност на припадниците на Армијата се интензивира. Но, покрај финансиските средства кои како држава ги обезбедуваме токму за оваа намена, во овој процес имаме и огромна поддршка и од нашите сојузници, како во делот на набавувањето на нова опрема така и во делот на заедничките обуки и вежби.

Набавката на нови системи на беспилотните летала „Puma“ и „Raven“ е дел од овој процесот на зајакнување на капацитетите на Армијата. Со нашиот стратешки партнер и сојузник, Соединетите Американски Држави е предвидено да се склучат шест нови договори и овие договори веќе беа разгледани и прифатени од Комисијата за одбрана и безбедност во македонското собрание. Тоа овозможува овие договори да бидат потпишани од страна на Владата, како договори Влада – со – Влада. Ако ја имаме предвид новата опрема која треба да пристигне оваа година како комплетирањето на цела набавка на лесните оклопни возила JLTV, новите оклопни возила од типот „Stryker“, системите за против-воздушна одбрана „Mistral 3“ и артилериските системи „Boran“, можеме да кажеме дека борбената готовност на Армијата и капацитетите на колективната безбедност на Алијансата значително ќе се зајакне. Нашата земја по членството во НАТО премина во еден нови систем на колективна одбрана во кој земјите развиваат капацитети согласно НАТО целите на способности и тоа е една голема предност за држави како нашата – можеме да се фокусираме на развој на одредени капацитети кои се комплементарни со сојузниците и кои заеднички со нив претставуваат еден уникатен систем на заштита од сите аспекти.

Покрај модернизацијата на вооружувањето, споменавте и нови договори за сајбер безбедност. Со оглед на глобалните закани и хибридните напади, какви конкретни чекори ќе преземе Министерството за одбрана за да ја зајакне дигиталната одбрана на Македонија и да ги заштити критичните системи?

Хибридните закани меѓу кои се и Сајбер нападите е реалност на кои ниту една држава не е имуна. Ние сме должни да превземеме сериозни чекори во создавање на една институционална и општествена отпорност на овие закани. Токму затоа развојот на сајбер безбедноста е еден од клучните сегменти на националната безбедност и нема никаков сомнеж дека тоа мора да биде еден од нашите приоритети. Инвестираме многу во сајбер безбедноста и самостојно – преку обуки, преку набавки на нова опрема, соодветен софтвер, но и заедно со сојузниците. Пред само неколку дена бевме сведоци на една таква сеопфатна соработка кога заедно со премиерот Мицкоски и голем број на владини претставници кои се поврзани со критичната инфраструктура и сајбер безбедноста организиравме симулација на сајбер напад и врз основа на тоа сценарио го тестиравме системот и процесот на донесување на одлуки. Станува збор за проект кој го работиме со уште еден наш сојузник, Обединетото Кралство, проект кој започна минатата година и ќе трае до март годинава. Во рамки на овој проект беше извршена евалуација на капацитетите на владините институции за сајбер безбедност и, многу важно, беа изработени препораки за сајбер безбедносни стандарди кои ќе се имплементираат во периодот кој доаѓа. Да сумирам – за мене е многу важно да работиме на сите полиња во одбраната, затоа што ова е еден врзан систем, и развојот на сајбер безбедноста е еден од клучните приоритети. Ќе продолжиме да се развиваме, обучуваме и работиме на тоа колку е можно повеќе сајбер-експерти како капацитет да ги привлечеме да станат дел од Армијата и останатите институции да работат за доброто на државата.

Дали сметате дека во минатото во Армијата постоела партизација, и доколку да, на кој начин тоа влијаело врз нејзината ефикасност и професионалност? Како го оценувате пристапот на вашите претходници во овој контекст, и кои мерки планирате да преземете за да обезбедите деполитизирана и професионална воена структура?

Јас секогаш се залагам за почитување на законската процедура за секоја една постапка. Одбраната и Армијата мораат да бидат незасегнати од каква било можност за партизација затоа што нашата задача и нашите одговорности не дозволуваат аматеризам и непрофесионалност. Она што можам сега да го кажам е дека додека сум министер за одбрана и додека одлуките за одбраната се моја одговорност, првенствено ќе се гледа квалитетот, мотивацијата и желбата Македонија да биде безбедно и просперитетно место за живеење. Тоа се состојките за развој на еден успешен и ефикасен систем. Годинава ни следи прием на нови 300 професионални војници, прием на 60 граѓани со цивилни факултети како офицери и произведување на нови 120 подофицери и во секој од овие постапки првенствено ќе ја гледаме подготвеноста и способноста на секој еден кандидат. Така ќе продолжиме да го градиме одбранбениот систем како систем на професионални и посветени лица кои цел свој живот го посветуваат на безбедноста на државата.

Која е вашата долгорочна визија за модернизацијата на Армијата, и кои се клучните приоритети што ќе ги спроведувате во текот на вашиот мандат?

Набавката на нова и модерна опрема е процес кој е повеќегодишен и ефектот од сите планови кои ги правиме ќе ги видиме и во 2025, но и во следните години. Оваа година обезбедивме средства за проектите да продолжат да течат, но и да се интензивираат. Како што посочив претходно годинава имаме алоцирано 106 милиони евра за модернизација и опремување, односно 18 милиони евра повеќе од минатата година и тоа е силен доказ дека модернизацијата ќе тече согласно плановите. До крајот на оваа година ќе ги добиеме сите 92 JLTV оклопни возила, исто како што за прв пат ќе ги видиме и т.н. „Stryker“ окопни возила во арсеналот на Армијата. Ќе ги видиме и системите за против-воздушна одбрана и артилериските системи, но и друга опрема за потребите на останатите единици, а следната 2026 година согласно плановите ќе пристигнат и првите два хеликоптери од компанијата „Леонардо“.
Важно е да се каже дека модернизацијата се реализира согласно Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023- 2032 година и согласно НАТО – Целите на способности, што значи дека ние инвестираме плански, дека инсистирам да работиме домаќински и дека ќе добиеме најголем ефект за парите кои граѓаните ни ги довериле нам за да ја гарантираме нивната безбедност и сигурноста на татковината.

Како планирате да го подобрите стандардот и условите за работа на припадниците на Армијата, вклучително и нивните плати, обука и опременост?

За опременоста говори процесот за модернизација кој, ќе повторам, е сеопфатен и интензивен. Одбраната и Армијата отсекогаш вложувале самостојно и со поддршка од сојузниците во доедукација, обуки и вежби за своите вработени и за припадниците на Армијата затоа што само на тој начин можеме да ги подобруваме процесите. Тоа е особено важно за припадниците на Армијата затоа што само така можеме да ја унапредуваме интероперативноста на македонската Армија со армиите на сојузничките земји со кои креираме еден заеднички систем за одбрана.
Во однос на платите, можам да кажам дека одбраната и Армијата имаат сериозен мотив. Со новото законско решение за службениците во одбраната, со законот за служба во Армијата и со Колективниот договор во Министерството се создадоа услови за платите и надоместоците да бидат на ниво на професионалноста и посветеноста која сите вработени во одбраната ја покажуваат секојдневно на дело. Она што за мене е уште поважно и нешто што како раководство нè преокупираше првите шест месеци е фактот дека иако донесени овие одредби не биле досега воопшто почитувани. Затоа, од самиот почеток кога стапив на функцијата министер за одбрана донесов одлука дека мораме да направиме сè за да се испочитуваат сите одредби, да се исплатат сите заостанати финансиски побарувања, и во тоа успеавме. Минатата година исплативме 99 проценти од сите заостанати обврски кон вработените и отсега натаму редовната исплата на сето она што на вработените им следува согласно законите и Колективниот договор ќе биде пракса од која нема да отстапиме.

Со оглед на променливите безбедносни закани во регионот и светот, кои се најголемите предизвици со кои се соочува Армијата на Македонија и како планирате да одговорите на нив?

И регионот, но и светот минува низ едни крупни геополитички промени кои ќе влијаат на сите нас. Но, Македонија сега е во состојба во која има цврст и нераскинлив сојуз со уште 31 демократија, со моќни држави кои имаат големо влијание во светските текови. Уште повеќе, не само што сме во сојуз со овие земји, туку и имаме глас на масата на која се донесуваат одлуки, што значи можеме да влијаеме во овие одлуки секако почитувајќи ги македонските интереси и вредностите на развиениот свет кои се и наши вредности. Наша главна заложба во НАТО е евроатлантската област, територијата на сите земји членки да остане безбедна и стабилна. Сме се соочувале и со хибридни закани, и со закани од тероризам кои се глобален предизвик. Бевме сведоци на мигрантски бранови кои и ни влијаеа и нам како земја. Но, безбедносниот систем функционира и овозможува Македонија да биде сигурна и стабилна земја. Она што треба да остане во нашиот фокус се нашите приоритети – развој на Армијата со нејзина интензивна модернизација и опремување, развој на човечкиот капацитет и стабилно буџетирање кое ќе овозможи сите овие процеси да течат без застој. Тоа се трите столба кои ќе продолжат да ја зацврстуваат одбраната.

Кои се вашите планови во однос на зголемување на бројноста на Армијата и привлекување млади кадри? Дали размислувате за нови програми или стимулации за вклучување на млади професионалци во вооружените сили?

Македонската Армија во 2025 година ќе се подмлади со 300 нови професионални војници, а прием планираме и на 60 граѓани со цивилни факултети кои после 6-месечен курс ќе бидат произведени во офицери. Планираме прием и на 26-те питомци кои годинава ги завршуваат своите студии на Воената академија. Понатаму планираме произведување на 120 подофицери од редовите на професионалните војници и прием во категориите службеници во одбраната и цивилни лица во служба на Армијата, имајќи ги предвид нашите потреби и одливот на кадар по различни основи, главно пензионирање.
Одбранбениот систем мора да функционира и затоа нема да дозволиме одбраната и Армијата да се соочат со недостаток на професионалци.
И, ќе повторам во секој од овие процеси професионалноста и покажаните резултати ќе ни бидат основна водилка. Одбранбениот систем не препознава аматеризам во ниту една одлука вклучувајќи и во приемот на идните професионални војници, подофицери и офицери во Армијата и затоа кон овој процес ќе пристапиме со целосна професионалност и одговорност.

Во контекст на регионалната безбедност, како ја оценувате моменталната состојба на Балканот и каква улога гледате за Македонија во одржувањето на стабилноста?

Неколку пати имам посочено дека Македонија е еден од столбовите на регионалната безбедност, и како земја членка на НАТО, но и како земја која директно придонесува во мисијата на Алијансата на Косово, КФОР. Со учеството во КФОР нашите припадници даваат личен придонес во стабилноста на оваа земја, а со тоа и стабилноста на регионот. Дополнително, нашите припадници освен во Латвија, дел се и од мултинационалните сили на НАТО во Бугарија и во Романија и гледано од аспект на регионот и тоа е еден значаен придонес во нашата безбедност. Да не заборавиме македонската армија придонесува и во операцијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина, ЕУФОР – АЛТЕА, со што дополнително се зацврстува регионалната стабилност. Сумирано, Македонија на терен дава придонес кон тоа целиот Балкан да остане безбеден и во мир и тоа така ќе остане и во 2025 година затоа што мораме да бидеме внимателни и не смееме да дозволиме нарушувањето на безбедноста во Европа, а со тоа и врз Балканот кој само ако е стабилен може да биде и просперитетен.

Како министер, со кои најголеми предизвици се соочувате во реформите на одбраната, и кои би биле вашите клучни достигнувања што би сакале да ги оставите како наследство по завршувањето на вашиот мандат?

Одбранбениот систем е комплексен и носи голема одговорност за секој кој донесува одлуки на дневно ниво. Ќе продолжиме да работиме имајќи ја на ум сигурноста на татковината, и секој потег кој го влечеме ќе биде во корист на Македонија. Сметам дека само со посветена работа и труд можат да се реализираат сите планови и замисли кои ќе придонесат односно ќе ја зајакнат Армијата и државата. Продолжуваме со трите столба на кои се гради македонската одбрана и Армија денеска – стабилното буџетирање, интензивниот процес на модернизација и опремување и грижата за човечкиот капацитет.