Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во неговото гостување во „Патот кон“ на ТВ Алсат, истакна дека овој пратенички состав нема мандат за менување на Уставот и затоа е легитимно и најдобро, за вакви прашања да се оди на избори.
„Овој пратенички состав, овие пратеници никогаш не излегле пред граѓаните и да го кажат сето ова дека треба да се промени Уставот, дека треба да се прифати тој француско-бугарски предлог, дека кочница ќе биде внесувањето на Бугарите во Уставот и дека од сето ова ќе зависи европската иднина. Затоа легитимно и најдобро е за сите вакви прашања да се излегува на избори, но тоа оваа власт не го направи“, истакна Мисајловски.
Тој додаде дека на таквите избори ВМРО-ДПМНЕ и останатите треба да излезат со решенија, за низата проблеми, кои ги направи СДСМ во изминатиов период.
„На овие избори треба да излезе и ВМРО-ДПМНЕ, но и сите останати да предложат решенија на сите овие проблеми, што ги направи СДСМ. Не е само проблемот што го направи со договорот со Бугарија, туку тука се многу други проблеми изминатиов период.
Клучна работа што СДСМ и ДУИ згрешија, е што брзоплето го прифатија договорот со Бугарија. Јас лично сум го кажал многу пати, сум учествувал во тој договор, бидејќи тогаш работев во Министерството за надворешни работи. Една од најважните причини што Македонија не сакаше да го потпише тој договор е заедничката историја. Тука е најголемиот проблем, тоа е вирусот. Кога ќе го погледнете тој вирус постојано ќе има заболувања. Самата доктрина и целата бугарска позиција, секогаш ќе биде напад кон македонската историја, кон македонските војсководци итн. Тоа никогаш нема да престане бидејќи тоа е стратегија и доктрина и тоа ќе трае многу долго време. Со тоа брзоплето потпишување Македонија сега има големи проблеми и тоа ќе биде кочница во наредниот период“, потенцираше Мисајловски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во неговото гостување во „Патот кон“ на ТВ Алсат, коментирајќи за евентуалното влегување на Алијансата за Албанците во Владата истакна дека многу е лошо што во Парламентот скоро и нема да не останува албанска опозиција, а најголем процент од албанските политичари кои во кампањата излегоа против ДУИ и против власта сега ќе бидат во власта.
„ Многу е лошо што скоро и нема да остане албанска опозиција во Собранието, но и во општеството. Ќе остане само БЕСА со 2 пратеници, бидејќи едниот од нив веќе замина Такашто најголемиот процент на албански политичари што во кампањата излегоа и против ДУИ, но и против власта сега ќе бидат во власта“, истакна Мисајловски.
Според него влегувањето на Алијансата за Албанците во владата е многу погрешна одлука бидејќи за време на предизборната кампања целата реторика им беше против ДУИ, а сега ја спасуваат.
„Тоа е многу погрешна одлука. Не зборам дали како власт заедно ќе донесат подобри промени за сите граѓани во Мкаедонија, тоа е сосема различно, туку до вчера велеа во кампањата, зборам за Алијанса конкретно, дека најголем канцер и најголемо зло во власта е ДУИ. Тоа го кажуваа овде во емисии и јас сум учествувал тука на дебати, го кажуваа на секоја можна телевизија на своите изборни кампањи и целата реторика беше против ДУИ. И сега може да видиме дека еднаш се изгореа бидејќи беа дел од таа власт и кажуваа од лошо полошо за сега наеднаш се врти целата работа за да влезат во власта“, потенцираше Мисајловски и додаде:
„Сега се поставуваат многу прашања. Дали се работи за влегување во власта за да им се допаднат на ДУИ или за да ги спасат ДУИ? Тоа е многу важно прашање бидејќи во овој момент кога во ДУИ нема кворум доволен, дел од тие пратеници не доаѓаат во Собранието, јас ова морам да го кажам заради граѓаните кои не следат Собрание и седници да знаат дека дел од пратениците на ДУИ не доаѓаат во Собранието и нема кворум. Дали во овој момент ДУИ и Али Ахмети, полека-полека откриваат дека дел од Алијанса веќе работат за нив или се тие скриена опозиција во овој период? Изгледа така ќе дојде. Јас го поставувам ова како прашање бидејќи долго време од кога Села веќе не е претседател на таа партија се прави кворум и сега наеднаш тоа барање е за да се задоволи ДУИ, бидејќи ако нема кворум, логично е да падне Собранието, односно да падне Владата“.
Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски