Една Јужнокорејка верувала дека се допишувала ни помалку ни повеќе отколку со Илон Маск, што ја чинело дури 50.000 долари.
Анонимна жена изјави за локалните медиуми во Јужна Кореја дека била измамена и изгубила 50.000 долари поради лице кое се преправало дека е Илон Маск .
Измамата започнала на Инстаграм, каде жртвата, која случајно е голем обожавател на Маск, добила барање за „follow“ од профил за кој се тврди дека е тој. На почетокот, како што истакна, била скептична.
– Минатата година доживеав нешто како сон. „Маск“ ме следеше на Инстаграм. Иако бев голем обожавател на Маск откако ја прочитав неговата автобиографија, првично се сомневав дека тоа е вистина – изјавила таа.
Сепак, измамникот продолжил да ја убедува испраќајќи и слики од Маск на работа, како и фотографии од неговата „лична карта“. На крајот поверувала дека навистина зборува со вистинскиот Маск, најмногу поради тоа што зборувале за детали од приватниот живот на милијардерот.
Овој „Маск“ зборуваше за неговите деца и доаѓањето на работа во Tesla или SpaceX со хеликоптер – рече таа.
Измамникот дури и кажал за средбата меѓу Маск и јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јеол во април 2023 година, велејќи дека разговарале за изградбата на гигафабриките на Тесла.
Следниот чекор, кој воспостави доверба, беше за време на видео повик во кој измамникот, преправен во Маск, и кажа на жената дека ја сака.
Потоа на жената и предложил лажна „можност за инвестирање“, тврдејќи дека сака да ги награди своите најголеми обожаватели.
– Рече дека по случаен избор контактира со обожавателите, и дека е среќен кога тие ќе се збогатат – објаснила оваа жена. Конечно, тој испратил број на корејска банкарска сметка и ја убедил да префрли 50.000 долари.