Мистериозни дронови забележани над американската воздухопловна база во Германија

– Германските безбедносни власти истражуваат повеќе пријави за појава на беспилотни летала над стратешките објекти, вклучително и базата на американските воздухопловни сили во Рамштајн, објавија денес локалните медиуми.

Според неделниот магазин „Дер Шпигел“, вечерта на 3 и 4 декември биле забележани неколку дронови како ја надлетуваат воздухопловната база Рамштајн, најголемиот американски воен центар во Европа.

Дронови се забележани и надвор од воените локации. „Дер Шпигел“ објави дека изминативе недели биле забележани дронови и над објектите на одбранбената компанија Рајнметал и хемиската компанија БАСФ.

„И покрај обемните истражни напори, властите не успеаја да го утврдат потеклото на дроновите, ниту да ги лоцираат операторите“, се вели во веста.

Безбедносните експерти изразија загриженост дека овие неовластени летови би можеле да се дел од шпионски активности насочени кон клучните инфраструктурни и воени инсталации.

Во август забележани се дронови како летаат над индустрискиот парк, деактивирана нуклеарна централа и терминал за течен природен гас во северна Германија. Очевидци изјавија дека леталото се движело со голема брзина, наместа и над 100 километри на час.

Според јавниот радиодифузен сервис АРД и експертите за безбедност, тоа не биле типични хоби дронови, туку воени летала со фиксни крила дизајнирани за големи брзини и долготрајни летови.