Мицевски: Граѓаните ќе можат да гласаат со стари лични документи, изгласани измените на изборниот законик

На барање на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, по забелешките и укажувањата од страна на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денес во Собранието на Република Македонија едногласно и консензуално, беа изгласани измените на изборниот законик.

Без денешните измени во Изборниот закон, постоеше ризик да се прекрши основното човеково право, право на глас, на над 100 илјади граѓани во нашата држава“, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Според него, ова е последица на хаосот кој што зад себе, како што рече, го оставија Ковачевски и Спасовски, со што илјадници граѓани останаа без личните документи и заробени во државата.

 Со овие измени кои денес се усвоени ќе може да гласаат сите граѓани чии што лични документи, пасош и лична карта им истекол рокот по било кој основ во период од 9 месеци пред изборите.