Сакам да пренесам две пораки до помладата генерација и наставниците. Ова се годините кога учите за две многу важни вредности, а тоа се семејството и татковината, нашата Македонија. Убеден сум дека наставниците ќе ги пренесат на вистински начин и во вистински дух вредностите што првачињата треба да ги научат за своето семејство – за својата мајка, татко, баба и дедо – но и за она што се нарекува татковина, нашата прекрасна Македонија, бидејќи она што првачињата ќе го научат сега, ќе го практикуваат во текот на целиот свој живот.
Ова е пораката што им ја упати премиерот Христијан Мицкоски на учениците од прва година по повод почетокот на новата учебна година, кој заедно со министерката за образование и наука, Весна Јаневска, го посети основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Кисела Вода.
„Уште еднаш ви посакувам среќни училишни часови и денови за учениците од прво одделение, но и на сите ученици кои денес го започнуваат својот прв училишен час, ви посакувам среќна и успешна учебна година. Нека Бог ја благослови Македонија!“, рече Мицкоски.
Тој испрати порака во која оценува дека тие се важни за него, но и за сите нас воопшто како генерација.
„Можеби за прв пат по седум години, учениците на првиот училишен ден ќе имаат учебници пред себе, нешто што е многу важно, нешто што за жал недостасуваше во минатото. Ја користам оваа можност да им се извинам на родителите што пред повеќе од 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, а денес по 15 години зборуваме за книга за секое дете, но ви ветувам дека преку нова дисциплина, а тоа е вештачката интелигенција, со која ќе бидат запознаени нашите деца, ќе можеме да зборуваме за иднината и предизвиците што таа ни ги носи“, рече премиерот.
Тој, исто така, го изрази своето задоволство што за прв пат по 7-8 години, учениците во училиштата низ Македонија ќе имаат можност пред себе да имаат учебници на странски јазици – англиски, германски и француски – нешто што е многу важно за создавање пријателства надвор од границите на нашата татковина, Македонија.
„Би сакал да ја искористам оваа можност да ја изразам мојата благодарност до министерката за сè што направи во текот на овие изминати 15 месеци, за да можеме денес да зборуваме за она што го зборуваме, бидејќи знам колку часови состаноци поминавме организирајќи за да го постигнеме ова денес и знам и колку часови состаноци и организации ни се потребни за да го достигнеме нивото кон кое се стремиме и нивото што им е потребно на нашите млади“, рече премиерот.