Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на новинарско прашање дали очекува исход од работната група за уставни измени ако се земе предвид и последната информација дека наводно симпатизер на Русија ќе биде дел од таа група за уставни измени денеска потенцираше дека темата за уставни измени за ВМРО-ДПМНЕ е затворена.
„Јас не ја коментирам, за нас тоа е затворена тема, но оттаму има членови кои што еве вие самите кажавте дека го величаат делото на господинот Путин, претседателот на Руската Федерација. Од друга страна имаме политичари кои ги номинираат, кои не само што ја анатемизираат Руската Федерација и Путин барем во јавноста, но гледате на дело тие номинираат возљубеници во ликот и делото на Руската Федерација и господинот Путин, ние ќе треба да ги плаќаме тие експерти“, посочи Мицкоски.
Во врска со оваа информација Мицкоски, вели, ако се погледне нејзината биографија, „повеќе од јасно е од каде потекнуваа таа госпоѓа, како се стекнала со звањето и како доаѓа да таа учествува во таа работна група“.
Од ВМРО-ДПМНЕ претходно објавија дека меѓу членовите на работната група, на, како што велат, таканаречени експерти, која ќе ги подготвува уставни измени е и Јагода Митревска, според нив, симпатизер на Путин, која долги години следела негови кампањи во Русија. При тоа приложена е и фотографија објавена на социјалните мрежи на кои Митревска е фотографирана пред простории и знамиња на партијата на Путин.
„Откако вистински експерти не прифатија да членуваат во работната група која ќе ги пишува амандманите, Ковачевски собрал луѓе кои ниту се експерти, ниту имаат искуство од областа, но затоа имаат сомнителни политички конекции“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.