Мицкоски: Ги охрабрувам припадниците на Министерството за внатрешни работи да продолжат да ја применуваат правдата насекаде низ Македонија

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска ги охрабри припадниците на Министерството за внатрешни работи да продолжат, како и изминатиот период, да ја применуваат правдата насекаде во Македонија.

„Денес имав можност да бидам дел од овој навистина прекрасен настан. Прекрасно во смисла што во сумирана верзија имавме можност да ги видиме сите тие значајни моменти, оние дејствија што Министерството за внатрешни работи заедно со своите структури ги спроведе во изминатиот период.

Она што е важна порака е дека никој не треба да биде над законот и Уставот и не може да биде над законот и Уставот. Поминаа времињата како што беа до сега. Мора да се бориме против сите корумпирани елементи во општеството и ќе се бориме.

Можеби правдата е бавна, но секој што мисли дека ја измамил правдата греши. Секогаш доаѓа и секогаш победува на крајот.

Така што, можам само да ги охрабрам сите припадници на МВР дека никому ништо не должат, освен македонските граѓани и државата, се разбира.

Значи, ако некој мисли дека некому му должи и дека треба да биде привилегиран или да има одредени отстапки, греши. Ќе повторам, правдата е бавна, но секогаш победува на крајот“, рече Мицкиски.

Тој порача дека мора да покажеме и докажеме дека нема никаква корист од криминалот и дека грешат сите што мислат дека нешто можат да постигнат со криминал и дека ќе одговараат пред Законот и Уставот.