Час поскоро се потребни предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе го одберат решението како до членство во Европската унија, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во коментар на изјавата на американската амбасадорка во државава Анџела Агелер дека граѓаните треба да им дадат до знаење на политичарите дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ, Мицкоски рече дека „апсолутно се согласува со изјавата на амбасадорката“ и оти „граѓаните се суверен во оваа држава и треба на избори коишто би се случиле час поскоро да кажат – Да за ЕУ, но и да го одберат решението како до тоа Да во ЕУ“.
-ВМРО-ДПМНЕ има свое решение, го кажавме тоа јавно, СДСМ има свое решение, претпоставувам и други политички партии ќе излезат на тие избори со свое решение. Граѓаните на тие избори ќе го гласаат и ќе го кажат својот став час поскоро бидејќи секој ден повеќе значи ден изгубен повеќе за Македонија, изјави Мицкоски, на новинарско прашање при посетата на Велес.
Во пресрет на посетата на заменик-помошникот државен секретар на САД Габреил Ескобар на Скопје лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека е добредојден секој добронамерен соговорник и секој кој сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
-Како и секоја друга посета. Изминатиот период имавме многу посети од високи странски претставници. Ќе ги слушнеме аргументите од таа страна, ќе ги кажеме нашите аргументи, отприлика содржината на тој состанок се наѕира, ја знаеме што е, така што секој добронамерен сдоговорник е добредојден, секој кој сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и на народот е добредојден. Тоа што сега власта се обидува посетата на на Ескобар да ја претстави, условно кажано, како дипломатски булдожер којшто тука е повикан од Владата за да врши тортура и притисок, е веќе слабост на овие криминалци во Владата. Тортура и притисок во 21-от век веќе никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници, рече Мицкоски.
Тој рече дека го разбира стравот кај СДСМ од предвремени парламентарни избори, но посочи дека „тие ќе се случат и нема бегање“.
-Кога и да се случат тие избори – месеци се во прашање, дали ќе се случат оваа есен или следната пролет тие ќе се случат и нема бегање. Она кое што е моја порака е да, јас сум веднаш народот да им каже на политичарите која опција ја бираат – дали опцијата што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ или опцијата што ја нуди коалицијата ДУИ-СДСМ. И да за тоа да се случи се потребни час поскоро предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски.
Според него, премиерот Димитар Ковачевски и СДСМ треба да прифатат предвремени избори „затоа што е очигледно дека не можат да го испорачаат тоа за кое што презеле обврска надвор од политичкиот легитимитет“.
-Ковачевски стана премиер откако им се случи оној историски дебакл на локалните избори во првиот и во вториот круг на СДСМ и коалицијата во 2021 година, па замина комплетното политичко раководство на СДСМ на начин на којшто беше избран Ковачевски, откако претходно беше киднапиран или исчезна еден пратеник во Парламентот, Ковачевски беше избран или инсталиран во Парламентот без каков било политички или изборен легитимитет од граѓаните и што е уште пострашно потпиша национална катастрофа и капитулација зад завесата без да се консултира со најголемиот политички фактор во државата, ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тоа што му нудевме поддршка и она што е најважно сувереност на државата. И откако тој проект на Ковачевски и на Пендаровски пропадна редно е да одиме на предвремени парламентарни избори бидејќи нема ниту една друга причина зошто тој да остане и понатаму, рече Мицкоски.
Прашан кој врши притисоци на ВМРО-ДПМНЕ за да гласа за уставните измени, Мицкоски рече дека тоа не е тајна, а партијата има сериозни аргументи на изградената позиција да не ги поддржи измените, „не затоа што е инаетлива, туку затоа што е загрижена за постоењето на македонскиот народ, за неговата иднина и за иднината на државата“.
Мицкоски наведе дека ВМРО-ДПМНЕ нудела решенија покрај тоа што не била консултирана кога биле прифаќани предлозите, но оти Владата не ги прифатила.
Ги искоментира и пораките од, како што наведе, некои помали маргинални политички партии на политичката сцена во државава дека ќе го преиспитаат однесувањето и оти ќе ја провереле уште еднаш нивната политичка агенда.
-Мојата порака до нив е дека ВМРО-ДПМНЕ од мали глувчиња не се плаши, изјави Мицксоки.
Во однос на неговата синоќешна изјава дека ако еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени тој ќе си даде оставка, упати на неговиот став кажан пред една година и оти на собраниската седница за уставните измени на 18-ти август се видела компактноста на пратеничката група.
– Јас синоќа кажав дека пред една година кажав дека и еден пратеник да дивергира од она што е став на ВМРО-ДПМНЕ не затоа што ВМРО-ДПМНЕ се инаети, туку затоа што тоа е став изграден уште во рамките на структурата на партијата и став којшто е изграден заедно со граѓаните во Македонија, коишто 80 проценти се против уставните измени. Токму тоа го кажав вчера дека токму пред една година споменав дека и еден пратеник да ја изневери довербата не само моја, не само на партиската структура, туку пред и над се на граѓаните тогаш не вреди вие да се занимавате со нешто што се вика политика, изјави Мицксоки.
Порача дека политичарите треба да ја почитуават мнозинската волја на граѓаните, а не да ја изневеруваат „зад завеси за ситни пред се лични и партиски интереси.
-Вчера тоа го повторив поврзано со изјавите на Димитар Ковачевски дека ВМРО-ДПМНЕ не гласало за уставните измени, а тоа се виде од собраниската седница на 18-ти август дека е компактна пратеничката група, како индикатор требаше да послужи гласањето во собраниската Комисија за уставни прашања каде што се виде дека немаат две третини, на собраниската седница се виде дека немаат две третини, едвај собраа 70-ина пратеника, рече Мицкоски.