Мицкоски денес ќе го поднесе предлогот за реорганизација на владата во Собранието

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Христијан Мицкоски, заедно со координаторот на пратеничката група Никола Мицевски денеска во Собранието ќе ги поднесат измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа, за да може да се изгласа новата реорганизирана влада и да се изберат нејзините членови.

Седницата за измените на Законот, според собраниски извори, треба да се одржи во петок на 7 јуни.

Според предлогот за измени владата ќе добие нови министерства, а дел од постоечките ќе претрпат реорганизација. Новина ќе бидат отворањето на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, што досега било само сектор во Министерството за економија, и трансформација на Агенцијата за млади и спорт во Министерство за спорт. Секторот млади треба да влезе во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а ресорот труд да влезе во Министерството за економија и труд, а оттаму да се издвои туризмот и да биде дел од Министерството за култура. Министерството за информатичко општество и администрација треба да стане Министерство за дигитална трансформација.