„Нашата земја чекори по европскиот пат со отворено срце и ум, прифаќајќи ги европските вредности, но ги отфрламе уцените што не се дел од овие вредности. Не прифаќаме наметнувања под маската на европскиот процес. Европа е дом на правото, правдата и достоинството. Ова се вредностите што ги прифаќаме – сè друго е туѓо за ЕУ, и туѓо за нас.“
Ова го изјави денес премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување, Марта Кос, во рамките на самитот на лидери на Европската Унија и Западен Балкан посветен на Планот за раст.
Мицкоски нагласи дека Македонија влегува на Самитот, кој денес се одржува во Скопје, како земја со јасна насока.
„Нашите реформи не се декорација. Тие се неопходност. И нема да чекаме некој да нè турка. Ќе се движиме сами, со своја волја, со конкретен план и јасна визија. Испорачуваме резултати, не затоа што некој нè бара, туку затоа што нашите граѓани го заслужуваат тоа. Ќе продолжиме да ги следиме европските вредности не затоа што некој ни кажува, туку затоа што тоа е наш избор, наш пат, наша решителност. И поради оваа причина, благодарни сме за поддршката од Европската комисија, но уште повеќе сме решени да си помогнеме себеси, да спроведеме реформи и да ја трансформираме земјата, преку инвестирање, работа, верување во нашите силни страни и партнерство со ЕУ“, нагласи Мицкоски.
Тој исто така нагласи дека РМВ денес е во Скопје добредојден, но и партнер и сојузник на заедничка визија, за регион кој не е дефиниран според неговите проблеми, туку според неговите можности.
„Визијата за Западен Балкан да се приближи кон Европската Унија не со зборови, туку со дела, со реформи, со резултати, со интеграција што се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните. Фактот дека го организираме овој лидерски самит е важна симболична потврда за нашата регионална и европска важност. Ова не е случајност. Ова е резултат на политичкиот капитал што го инвестиравме во стабилност, реформи и конструктивен пристап. Ова е признание за улогата што ја игра нашата земја во градењето мостови и создавањето решенија“, нагласи Мицкоски.