Вложувањата во енергетиката се приоритет и од капитално значење, изјави премиерот Христијан Мицкоски на прес- конференција на која ја најави изградбата на два енергетски суштински проекти во енергетскиот сектор- втората фаза од ветерниот парк Богданци, како и изградба на фотонапонската централа Битола 2.
За таа цел денеска се потпиша договор помеѓу АД ЕСМ и германската КфВ развојна банка наменет за изградба на двата нови капацитети за производство на обновлива енергија.
„Инвестицијата е вредна 55 милиони евра од кои 47.3 милиони евра се за фотонапонската електрана Битола 2, додека ветерниот парк Богданци – Фаза 2, инвестицијата е 7,7 милиони евра. Битола 2 ќе се гради во рамките на РЕК Битола и ќе има инсталиран капацитет од 50-60 MВ. Се очекува оваа електроцентрала да произведува околу 80-90 ГВч електрична енергија годишно, се разбира зависи тоа од сончевата радијација, што е доволно за отприлика 20 илјади домаќинства. Повторувам, ќе се произведува електрична енергија за околу 20.000 домаќинства, со што ќе се намали емисијата на јаглерод диоксид за 63.000 тони годишно“, рече Мицкоски.
Според премиерот, со втората фаза од изградбата на ветерниот парк Богданци е предвидено изградба на дополнителни четири ветерни турбини, со што инсталираната моќност ќе биде зголемена за дополнителни 13,6 MВ, а вкупната инсталирана моќност ќе се зголеми на првиот дел од проектот и овој вториот дел вкупно ќе биде повеќе од 50 MВ, обезбедувајќи дополнително годишно производство од 37 ГВч, зелена енергија.
„На овој начин се бориме за поголема енергетска независност и поголема ефикасност. Ако во минатото и од минатите влади енергетиката беше поле за криминал и корупција, за нас ова е поле каде треба да ги засукаме ракавите, жестоко да работиме, затоа што преку енергетиката се гради и нашата заедничка иднина. Инвестиции од 55 милиони евра во енергетиката за електрична енергија за повеќе од 20 илјади домаќинства и заштита на животната средина. На овој начин државата се грижи за секој еден од вас“, рече Мицкоски.