И Европската комисија треба да ги слушне аргументите на Владата во однос на барањата за зголемување на платите, потенцира премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за предупредувањето на Европската конфедерација на синдикати дека ќе ја информира Европската комисија за притисокот на Владата да не се зголемуваат платите и дека целата процедура ќе биде под мониторинг.
„Ги охрабрувам да дојдат овде и да ги слушнат аргументите, бидејќи би било незрело да се носат заклучоци само врз основа на еднострани информации. Во принцип, би ги советувал да ги слушнат сите страни, аргументите на сите страни, па потоа да разговараат за заклучоците. Доколку информациите се пристрасни, сигурен сум дека високи претставници на Европската комисија би сакале да ја слушнат другата страна, тогаш дебатата и заклучоците би биле поинакви. Но, ако го слушнете претпоследниот или би рекол можеби близок до последниот бранител на интересите на СДСМ, а тој е претседател на ССМ кој излегува заедно со неколку судии и обвинители, тогаш – да, ако врз основа на ова донесете заклучок – да, но мислам дека заклучокот треба да се заснова на аргументи од двете страни. Ние сме на располагање, ги повикуваме да дојдат или ако треба ќе одиме да ги изнесеме нашите аргументи“, нагласи премиерот Мицкоски.