Мицкоски и претседателката на Судскиот совет денеска ќе се сретнат во Владата

„Средбата доаѓа по многубројните забелешки за работата на Судскиот совет, ниската доверба и отворениот повик на Владата и премиерот Мицкоски за предлози за реформи во Судскиот совет“, се вели во најавата од Владата за средбата.

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за правда Игор Филков денеска попладне ќе имаат средба со претседателката на Судскиот совет, соопштија од владината прес-служба.

Средбата е закажана за во 17 часот во просториите на Владата, а по нејзиното завршување, според најавата, предвидено е премиерот да даде изјава за медиумите.

„Средбата доаѓа по многубројните забелешки за работата на Судскиот совет, ниската доверба и отворениот повик на Владата и премиерот Мицкоски за предлози за реформи во Судскиот совет“,

се вели во најавата од Владата за средбата.
Мицкоски досега во повеќе наврати ја реафирмираше идејата за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Вели дека таквата определба е вградена во програмата со која ВМРО-ДПМНЕ настапи на изборите, a тоа за него претставува обврска бидејќи огромно мнозинство граѓани гласале за такво решение.

Тој минатата недела одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали тој се откажал од оваа идеја, рече дека тоа не е случај и дека ниту се откажал ниту пак планира да се откаже од оваа идеја се додека граѓаните имаат само два отсто доверба во правосудниот систем. Тој апелираше и до експертската јавност да достави предлог за тоа како да се зголеми довербата кај граѓаните во судството и порача дека доколку нема предлози и по неколку месеци, тогаш заклучокот би бил дека тие намерно штитат институции кои не се способни да гарантираат владеење на правото.

„Дали сум се откажал? Ако добиеме подобар предлог за којшто, апелирам, молам еве ја користам оваа пригода, сите тие што беа против и од ЕУ и од експертската јавност, еве ве молам доставете, поминаа месеци ако не доставите тогаш доаѓаме до заклучокот дека вие намерно штитите институции коишто не се способни да обезбедат поддршка кај граѓаните поголема од 2 проценти, институции коишто не гарантираат владеење на правото, бидејќи 2 проценти кај граѓаните не е владеење на правото и институции коишто му служат некому, а не граѓаните“,