Нема безбедносен ризик, ниту некогаш сме дозволиле да постои, вели премиерот Христијан Мицкоски, запрашан по најавата на ДУИ дека доколку „Уставниот суд одлучи да ги уништи достигнувањата на Охридскиот договор, последиците ќе бидат ненадоместливи и ние не може да преземе одговорност за она што може да се случи следно“.
Според него, тие веќе предупредија дека имало обиди да се наруши безбедноста и ова е еден таков обид.
„Има неколку места каде се среќаваат поединци кои сакаат да направат безбедносна тензија. Ние како држава и Bлада ќе направиме сè за да ја гарантираме безбедноста, особено сега, во услови кога сите показатели, економските параметри, нивото на странски инвестиции, зголемувањето на платите, реформите, растот на БДП,… се движат во позитивна насока.
Свесни сме дека тие елементи сакаат да нè влечат назад во политичкото мочуриште и минатото, но граѓаните нека бидат сигурни дека многу анализираме и работиме со нашите стратешки партнери. Ниту тие, ниту Владата нема да дозволат безбедносни проблеми“, рече премиерот на прес-конференција во Владата.