Нема да одиме на предвремени парламентарни избори, бидејќи претставниците на владината коалиција ќе победат на локалните избори на 19 октомври, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски.
„Владата е стабилна и кохерентна, а владината коалиција ќе победи на овие локални избори“, рече Мицкоски на денешната средба со новинарите.
Тој нагласи дека владата има четиригодишен мандат, период во кој планира да ги спроведе ветените проекти, а предвремените парламентарни избори, како што рече, би значеле само нивно одложување за најмалку шест месеци.
„Како ВМРО-ДПМНЕ, предвремените парламентарни избори можеби ни одговараат, но ние не ги гледаме работите од партиски аспект, туку од државно. Ако одиме на избори, сите проекти што треба да ги реализираме ќе бидат заглавени најмалку шест месеци“, рече Мицкоски.
На прашањето дали очекува да има проблеми на претстојните локални избори и зошто некој повторно игра на картата на национализам, тој рече дека не е запознаен со никакви индикации за планирани инциденти.