Нашата опозиција, која доживеа историски дебакл, ја слушам како се храбри, па дури и прави пресметки околу пратенички места. Сфаќам дека се наоѓаат во тежок изборен нокаут од народот, но со нереални математики само дополнително го иритираат, рече премиерот Христијан Мицкоски при синоќешното обраќање во МНТ по повод „23 Октомври“.
-Она што е интересно е што дури и во нивните анализи тие кажуваат дека убедливо ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаа јасна и чиста победа. Нема пресметка во која тие би победиле на било каков начин. Тоа покажува дека сè уште не научиле ниту една лекција, што во извесна мера е и потценување на сопствениот народ и гласачи. И сето тоа во извесна мера е и обид да создаде алиби за својот дебакл. Да го задржат лидерството од бранот незадоволство на членовите на таа партија. Овој бран на огромна поддршка за нас и ваква разлика со конкурентите е огромна одговорност за нас, и ние ќе работиме да ја оправдаме довербата.
А на опозицијата ќе им оставаме време да се консолидираат и да размислат дали ќе се осмелат да одат на предвремени избори, кои да бидам директен јас не ги посакувам и сметам дека се непотребни и дека е време за резултати и голема офанзива на секој план, рече премиерот.
Мицкоски истакна дека веселата математика на опозицијата и оваа упорност со надмудрување и создавање на вештачки теми и блефови треба да добие соодветен одговор.
-Затоа нека внимаваат што зборуваат и што посакуваат – може и да им се оствари. Последните избори испратија порака и до нивниот коалиционен партнер – ДУИ. Тие добија порака од народот и Албанците дека доста беше политиканство и злоупотреба на етничките теми за лични интереси и богатење. И овој резултат се случи затоа што тие не разбраа дека додека се занимаваат со орли, јастреби и зајци, народот е уморен од чекање за подобар живот- живот што граѓаните 20 години не го добија со таа политичка партија. Го чув и нивното барање за предвремени парламентарни избори. Тие се надеваат на тоа за да се спречи падот што евидентно го имаат, а таа удолница што ја фатија е поголема од онаа што се оди од Стража кон Зајас. Сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката, нека го видат и нека научат од примерот на падот на ДУИ, ќе разберат на што мислам. Тоа е добра лекција и за други политичари на македонската политичка сцена, кои мора да разберат дека за да бидеме коалициони партенри треба да се обединиме на овие избори и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања, низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики. Ако тоа е така, тогаш апсолутно не ја гледам разликата нив и Али од Зајас, кои сакаат да го заменат, посочи премиерот.