– Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека тие остануваат на ставот дека нема да ја поддржат техничката влада. За медиумите денеска тој изјави дека не очекува турбуленции во претстојните процеси со преодната влада затоа што, рече, „јасен е законот, јасен е Уставот“.
-Со овие луѓе се е возможно, гимнастики, лупинзи, но не очекувам нешто што би можело да го наруши процесот, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на конференцијата што ја организираше Паневропската унија на Македонија.
На прашањето дали очекува нова политика од техничкиот премиер Талат Џафери, одговори дека во изминатите шест и пол години „тој како претседавач со Собранието направил многу противуставни и противзаконски потези“.
-Очекувам продолжување на лошите политики. И ако можеби некогаш сме биле едногласни дека од ова полошо нема, тоа е песимистички став. Треба да сме оптимисти, сепак, очекувам дека во овие сто дена ќе биде полошо, рече претседателот на опозициската партија.
Во врска со иницијативата од СДСМ за формирање европски фронт за изборите, одговори дека „тоа е криминална коалиција која себеси во обид за дефокус се брендира како европска коалиција“.
-Таму нема ништо европско освен тоа што можеби заеднички се договараат како да го осиромашуваат и пљачкаат народот и државата. Тоа е интересот кој ги спојува тие политички структури. Се надевам и, да бидам попрецизен, сигурен сум дека по овие избори таа опција ќе биде жестоко поразена. Ќе може да поминат еден четиригодишен мандат во опозиција, ќе може да се реформираат со нови луѓе, со нови политики и со нови идеи, и по четири години ќе се појават на парламентарните избори и ќе понудат нешто поконкретно и поконкурентно, рече Мицкоски.
Од политички причини гледано, додаде, ги охрабрува „час поскоро да ја формираат таа коалиција, уште утре ако може“, но како граѓанин на оваа држава, смета дека „граѓаните на 8 мај и претходно на 24 април ќе бидат многу јасни и гласни зад гласачките кутии“.
Коментирајќи ја одлуката на Апелацискиот суд за мерка за претпазливост за осомничениот Беким Незири во случајот „М-НАВ“, Мицкоски рече дека „тоа се реформите кои ги нуди европскиот фронт“.
-Со тупаници упаѓаат во стратешки објекти, го загрозуваат авиосообраќајот, ја загрозуваат безбедноста на македонското небо и на сојузничките летала. И тие истите за недела-две ќе ги видите како слободно се шетаат по улиците бидејќи имаат свои обвинители и судии . Мора да расчистиме еднаш засекогаш со мафијата која ја поседува Македонија за да ја трансформираме, рече Мицкоски.