Мицкоски: Нормално е да се следи ситуацијата во Србија, но не очекувам да се прошири и кај нас

Нормално е да се следи состојбата во Србија, неодговорно би било да не се следи состојбата со нашите соседи и врз основа на ова сме подготвени за предизвици, доколку ги има, имаме развиено сценарија, но не очекувам да се рашират и кај нас, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Запрашан за настаните во Србија и информациите од локалните медиуми дека „наводно некои структури од соседните држави на Србија учествуваат во некои сценарија“, Мицкоски рече дека нашата политика е јасна, „ниту сакаме да ни се мешаат во внатрешните работи, ниту ќе се мешаме во внатрешните работи на која било друга држава“.

„Нашата домашна задача е наша домашна задача, додека домашната задача на другите земји е нивна. Доколку некој побара помош од нас, советодавна, каква било, тука сме во рамките на законите и Уставот на Македонија да овозможиме такво нешто. Ако не, повторно ќе се фокусираме на нашата должност, бидејќи имаме работа дома и немаме ниту амбиција, ниту желба да бидеме дел од внатрешните работи на која било држава во светот“, рече Мицкоски.

Во главниот град на Србија вчера се одржуваа голем протест предводен од студенти на блокада, што се смета за кулминација на 3,5 месечните демонстрации поради смртта на 15 лица од уривање на структура на железничката станица во Нови Сад.