– Примарната цел на овој Конгрес е да се избере носителот на листата кој ќе ги предводи идните пратеници во Европскиот парламент од редовите на Европската народна партија. Единствен кандидат е актуелниот претседател на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Букурешт.
Мицкоски, како што информира ВМРО-ДПМНЕ, заедно со кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова, потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и Тимчо Муцунски, секретарот за меѓународна соработка Стефан Андоновски се во дводневна посета на Букурешт, каде присуствуваат на Конгрес на Европската народна партија (ЕПП) кој се одржува денеска и утре.
-Очекуваме веќе во текот на утрешниот ден нејзината кандидатура да биде изгласана од страна на делегатите и да биде успешен Конгрес од кој ќе се упатат многу пораки за единство за она кое е предизвик на 21 век, осуда на политики кои значат разединување. Ние како ВМРО-ДПМНЕ овде имаме наша позиција поврзана со реалните политики кои се поврзани со Македонија и интеграција на Македонија во ЕУ, изјави Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ информираше дека се предвидени многу билатерални средби, со премиерите на Хрватска Андреј Пленковиќ и на Србија Ана Брнабиќ, средби и со двајца потпретседатели на Европската народна партија, Мекалистер и Хан. – Утре претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова ќе се сретне со претседателката на Унија на жени на Европската народна партија, изјави Мицкоски.
Мицкоски посочи дека ова е голема можност да ги прошириме полињата на соработка со сестринските партии, посебно и во државите во кои тие се влада.
– Целта ни е да работиме на зголемување на економскиот потенцијал на Македонија како држава, а главен приоритет е зголемување на стандардот на граѓаните, заклучи Мицкоски.