Мицкоски од Собранието повика на една изборна единица и да ѝ се овозможи на дијаспората да гласа

Премиерот Христијан Мицкоски, на денешната собраниска седница за прашања од пратениците, ги повика пратениците од опозицијата да поддржат измени во Изборниот законик за една изборна единица, како што рече, за да се овозможи гласање на дијаспората.

Премиерот Мицкоиски потврди дека групата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе го поддржат Законот за изборна единица.

„Ве поканувам сите да го промените Изборниот законик и да создадете единствена изборна единица, а во таа единствена изборна единица да дозволите формирање на избирачки места во оние земји каде што, согласно Уставот, е дозволено формирање на избирачки места надвор од Дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП). Веднаш сум подготвен, како и пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, да го поддржам тој закон каде што ќе имаме единствена изборна единица, а во таа единствена изборна единица ќе се гласа, вклучувајќи ги и гласовите на дијаспората. Гласањето ќе се спроведува секаде каде што законот на таа земја дозволува гласање надвор од ДКП. Веднаш сум подготвен да го поддржам тој закон и ви давам збор дека и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи“, одговори премиерот Мицкоски на прашањето поставено од пратеникот Илире Даути.