Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, изрази сочувство за смртта на папата Франциско, нагласувајќи дека тој како духовен водач зад себе остава исклучително хуман, чесен и посветен белег во историјата на современиот свет.
„Неговата порака за мир, солидарност, грижа за најранливите и дијалог меѓу народите беше светлина за милиони луѓе, без разлика на вера или нација. Тој беше глас на совеста во време на глобални предизвици и неизмерен пример за хуманост и морална храброст’, напиша Мицкоски на својот официјален Фејсбук профил.
Премиерот додава дека неговите зборови отсекогаш биле охрабрувачки, а неговиот однос кон нашиот народ бил исполнет со топлина и почит.
„Од мое лично име, од името на Владата и граѓаните, изразувам најискрено сочувство до Ватикан, Католичката црква и сите верници кои денес тагуваат. Нему вечна слава и благодарност“, рече Мицкоски во своето сочувство до папата Франциско.