„Работата е алармантна, повеќе од 200 милиони евра пари на граѓаните по пат на трансфери од буџетот беа префрлени во АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ за да може едвај да ги задоволи потребите на стопанството и граѓаните со електрична енергија и затоплување. Бизнис заедницата едвај крај со крај врзува, едвај успева да обезбеди средства да исплати плати за вработените кои така ги хранат своите семејства затоа што не добија никаква помош и поддршка од владата за справување со енергетската криза, беа оставени сами на себе“.
Ова го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Општина Градско одговарајќи на новинарско прашање за настанот со кој власта одбележа крај на грејна сезона.
Според него, добра вест е што набргу, како што рече, ќе дојде одговорна влада, која знае како да го реструктуира енергетскиот сектор, а потоа да овозможи на стопанството правилно да се развива и да обезбеди енергенс со кој ќе може да се развиваат и да додаваат додадена вредност на своите производи и да обезбедуваат навремена плата, а така вработените останат во земјава.
На новинарско прашање за тоа каков е односот на централната власт генерално со општините, Мицкоски истакна дека ситуацијата е секаде слична, се кратат средства, дотации, нема реализација на проекти и нема поддршка од централната власт кон општините.
„Секаде е слична ситуацијата се кратат средства, се кратат дотации, нема реализација на проекти ,единствено нешто што е почнато со програмите од претходните години, нема нешто ново, нема поддршка. Знаете и самите во отсуство на нормално функционирање на релација на општини влада, голем дел од општините се одлучија да издадат за прв пат што претставува едно креативно решение општински обврзници го знаете случајот со општина Штип од минатата година, тоа се средства кои што беа наменети за капитални проекти кои што ќе бидат реализирани во самата општина, за жал владата ја тргна таа точка од дневен ред и покрај тоа што беа обезбедени сите позитивни мислења и од Министерството за финансии и од Комисијата за хартии од вредност и од Македонската берза практично се што требаше законски да биде обезбедено беше обезбедено. Но, за жал имајќи го предвид карактерот на оваа влада ДУИ поддржана од СДСМ, Ковачевски одлучи на владина седница да ја тргне таа точка од дневен ред без да даде образложение зошто тоа го прави и штипјани останаа за жал минатата година во неможност да бидат реализирани капитални проекти во вредност од пет, а некои општини и повеќе милиони евра како што е случајот со Прилеп, Гази Баба, Аеродром и останати општини кои што влегоа во еден процес на издавање вакви општински обврзници“, изјави претседателот на ВМРО – ДПМНЕ.