Дојавите за бомби во училиштата во земјава се лажни, работната група одржува состаноци, инструкциите ќе стигнат до институциите, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот во изјава за медиумите рече дека такви закани имало и во Хрватска и Унгарија.
„Постојано сум во контакт со министерот за внатрешни работи, досега сите без исклучок се лажни пријави. Тоа се нападите, хибридните напади што ќе се случат, тоа не е нешто неочекувано, мора да бидеме подготвени. Постапките се следеа по протокол. Напади од ваков тип имаше во Хрватска пред неколку дена, а претходно и во институциите во Унгарија и претпоставувам дека тоа ќе продолжи и овде, но мислам дека се прави протокол“, рече премиерот.
Мицкоски најавува дека работната група одржува состаноци и до крајот на денот инструкции ќе стигнат до училиштата и до членовите на Министерството за внатрешни работи.