„Обидот за создавање модерна македонска нација и нов современ македонски јазик потврдува дека проблемот не е промената на Уставот, туку идентитетот и јазикот“, нагласи премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го вчерашното гласање во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Вчера не успеа обидот на бугарските европратеници да воведат амандман со кој зборот „модерен“ ќе се додаде на зборовите „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ во Извештајот за напредокот на Македонија.
„Не го гледам ова како победа, туку како разочарување“, рече премиерот Мицкоски во интервју за МРТ.
„Зошто? Затоа што во 21 век, во Европа, видовме обиди за создавање вештачка нација и идентитет. Затоа што тој амандман што беше предложен е де факто обид за создавање нова модерна македонска нација, или нов современ македонски јазик, што само по себе е преседан. Како човек и како Македонец, разочаран сум. Не го гледам ова како успех, туку како нешто што за нас претставуваше пречка што ја надминавме“, одговори Мицкоски.
Но, според премиерот, ова не е доволно, бидејќи е најавено дека ќе биде презентиран сличен амандман на Извештајот, кога според последните информации, тој ќе биде на пленарна седница на 8 или 9 јули.
„За нас, ова е само потврда дека голготата низ која поминавме во овие 25 години од почетокот на нашиот пат и 20 години како кандидат – продолжува тој. И дека сите оние кои во минатото мислеа дека ќе потпишат некаква национална отстапка и дека ќе стават крај на сите грижи – ги измамија граѓаните. Можеби и тие беа измамени, можеби веруваа дека нешто ќе се постигне. Но, ова не ја намалува болката на граѓаните, бидејќи потпишаа без да ги прашаат граѓаните. А сега граѓаните ја плаќаат цената, со фактот дека денес беа сведоци на обид за создавање нова модерна македонска нација и нов современ македонски јазик. Ова потврдува дека проблемот не беше промената на Уставот, туку идентитетот, суштината на овој народ, јазикот“, рече Мицкоски.