Мицкоски: Со нетрпение го очекувам решението на СДСМ за црвените линии со Бугарија

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека со нетрпение ја очекуваат резолуцијата за црвените линии со Бугарија што опозициската партија, СДСМ, ја најавува веќе еден месец за да го даде својот придонес и да ги искаже своите ставови.

„Со нетрпение ја очекуваме таа резолуција за да можеме да го дадеме нашиот придонес. Не ни кажа ли самата опозиција дека ни треба заеднички настап, државници? Еве чекаме конечно резолуцијата на СДСМ за која се зборува еден месец да се појави во Собранието, за да можеме ние како политичка партија да го дадеме нашиот придонес“, рече Мицкоски на „Сител“.

Тој нагласи дека прво ќе треба да ја видат таа резолуција, а потоа да дадат свое мислење за содржината, бидејќи, како што рече, не може да се очекува опозицијата едноставно да го прифати она што го презентираат.