Мицкоски: Со паркингот на Клинички центар да стопанисува приватна фирма

Премиерот на државата Христијан Мицкоски при посетата на Свети Николе истакна дека со паркингот кај Клиничкиот центар во Скопје треба да стопанисува приватна компанија.

Тој додаде дека физибилити студијата ја нарачала поранешната влада и во неа се посочува дека со паркингот кај Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ треба да стопанисува приватен оператор.

Тој смета дека сегашниот сопственик – Градски паркинг – Скопје, нема капацитет да воспостави ред со хаосот што се создава во комплексот клиники.

„Огласот е објавен, се пријави само една компанија. Ништо не сме потпишале, ништо не е финализирано. Ако јавноста не е задоволна, не значи дека ќе потпишеме договор. Нема владина одлука. Ние како Влада сакаме да го организираме хаосот. Градски паркинг таму стопанисува, нека направат ред, немаме ништо против тоа“, рече Мицкоски.