Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска положи цвеќе на споменикот во поранешниот скопски Монопол, во чест на жртвите од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка.
„Денес положивме свежо цвеќе по повод 80 годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка од времето на фашистичката окупација на Македонија. Овој чекор е сеќавање за човечката голгота и жртвата на невините луѓе, како и опомена за страотните последици на војната предизвикана од фашистичките окупатори на Македонија“, објави Мицксоки на фејсбук профилот.
Денеска, додаде тој, се сеќаваме за 7144 наши сограѓани кои заминаа од своите домови и никогаш повторно не се вратија.
„Тагата и болката се сѐ уште присутни. Да извлечеме поука и да ја гледаме објективно историјата која ни кажува дека војната и непријателството го раѓа семето на злобата, уништувањето и заедничката несреќа. Таквиот геноцид е најцрниот настан во историјата на човештвото. Катастрофата од геноцидот никогаш да не се повтори, но и да не се заборави!“, порача Мицкоски.