Премиерот на РСМ Христијан Мицкоски во гостување на ТВ21 зборуваше за укинување на балансерот, притоа потенцирајќи дека се манипулира со оваа тема и дека реалноста е дека во извештајот на ЕУ стои дека овој механизам бил злоупотребен и треба да се замени со нешто функционално.
„Проблемот е во скрининг извештајот на ЕУ. Во него се наведува дека балансерот е злоупотребен, неговиот таканаречен корисен век е поминат и дека мора да се замени со нешто што ќе биде функционално. Групите работат на правење закон за правична застапеност кој ќе биде уставен и наскоро ќе се најде пред пратениците во Собранието“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде и дека оваа влада со еднаквото доделување на 250 милиони евра за општините без да ги дели по етничка или политичка основа, како што тоа го направи претходната власт, на најдиректен начин покажала дека приоритет и се сите граѓани кои живеат на територијата на целата земја.
„Нема изјава во која не реков дека мојот интерес е речиси 26.000 квадратни километри од територијата на целата држава и тоа го поткрепувам со дела. Овде, како шеф на Влада, тие 250 милиони евра што треба да одат за општините со исти критериуми одат и во Штип и Тетово и Карбинци и Боговиње, во Радовиш и Струмица и во Гостивар и Кичево. И одиме чекор понатаму, не само што не ги делиме општините и проектите по етничка припадност, туку им велиме на градоначалниците, господине градоначалници, правете проекти, како што ќе ги правите, ние ќе ве финансираме“, подвлече Мицкоски.