Мицкоски: Ќе ги почитуваме сите договори, дури и оние што ги склучи претходната Влада

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во врска со почитувањето на договорот за повисоки плати во здравството истакна дека оваа Влада ги почитува сите договори, па и оние што ги доби претходната Влада.

„Владата, се разбира, ги почитува сите договори, дури и оние што ги земаше како обврска претходната влада, но тоа е тоа што е. Склучивме договори со синдикатите, постигнавме историски долгорочни договори за следните четири години и по првите 10% од зголемувањето на средствата за исплата на платите, каде во рамки на овие средства имаме поголем процентуален пораст за техничката персоналот, за лекарите има помал процент, но генерално, тој 10% зголемување на средствата за плати е реализиран во месец октомври, односно во месец ноември за октомври и истото ќе се случи сега во месец април за месец март, каде што ќе има зголемување на платите за 5% и со тоа ќе продолжи да се зголемува во следните четири години. Покажавме дека доколку дозволи буџетот, средствата за платите на здравствените работници во просек ќе се зголемат за 50%, нешто што претставува историски успех и ќе продолжиме да го поддржуваме здравството“, објасни премиерот Мицкоски.

Мицкоски додаде дека во наредниот период ќе има структурни реформи во здравството, за граѓаните да ги добијат здравствените услуги што им се потребни.

„Сега ќе продолжат структурните реформи во овој процес и мислам дека со текот на времето граѓаните ќе ги добијат здравствените услуги што им се потребни. Еве, да не ги заборавиме и специјалистите за кои исто така кажавме дека ќе бидат ангажирани. Обезбедивме средства за нив и ќе се вработат, за да не се повтори принципот „како досега““, рече премиерот.