Претседателот на Владата Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, како и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се во официјалната посета на САД, каде ќе бидат дел од одбележувањето на 75 години од основањето на НАТО, а ќе остварат и повеќе средби со државници, но и со бизнисмени, како и со нашинци од дијаспората. Премиерот Мицкоски вчера информираше дека ќе биде најавена и нова инвестиција.
– Следниве неколку дена во Вашингтон и во Њујорк ќе престојува владина делегација која што ќе ја предводам јас, а во нејзин составен дел се и министрите за надворешни работи, внатрешни работи и одбрана. Ќе бидеме дел од настанот кој што ќе прославува 75 години од постоењето на НАТО алијансата. Она кое што сакам исто така да го потенцирам се големиот број билатерални средби кои што ќе ги имам заедно со државници на земји кои што се членки на НАТО алијансата, во деновите кои што следат, но исто така во деновите кои следат ќе имам средби со бизнис заедницата овде во САД, каде што ќе ги презентирам потенцијалите кои што ги нуди Македонија за инвестирање, рече Мицкоски во видео пораката до јавноста.
Мицкоски ќе присуствува и на вечерата во Белата куќа организирана за лидерите, а министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за одбрана Владо Мисајловски ќе присуствуваат на специјални вечери организирани од државниот секретар Етони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин.
Не е познато дали ќе има тет-а-тет средба меѓу Мицкоски и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кој исто така ќе биде присутен во Белата куќа на вечерата што ја приредува американскиот претседател Џо Бајден.
Грчките медиуми денеска ја објавија агендата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Самитот на НАТО во Вашингтон.
Мицотакис во Вашингтон и надвор од официјалната програма на НАТО, ќе има средби со членови на Конгресот, а поканет е од тинк-тенкот Совет за надворешни односи, каде во вторник ќе разговара со поранешниот американски амбасадор во Атина Даниел Спекхард. Грчкиот премиер исто така во среда во рамките на Јавниот форум на НАТО ќе разговара со поранешната заменик-советничка за национална безбедност на САД Надија Сендлоу. По Самитот на НАТО, Мицотакис ќе замине во Њујорк, каде во петок ќе има средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во врска со мандатот на Грција во Советот за безбедност, но и за кипарското прашање.
Мицкоски и Мицотакис ќе седнат на иста маса на вечерата во Белата куќа, додека билатерална средба меѓу двајцата премиери засега не е најавена.
„Од друга страна, Самитот на НАТО ќе биде и можност за прв соживот на Мицотакис со новиот премиер на Македонија, Христијан Мицкоски. Додуша, односите Атина-Скопје периодов се на барометриско ниско ниво, со оглед на ревизионистичките изјави на претседателката Сиљановска и Мицкоски, но и маневрите за надминување на ознаката ерга омнес (кон сите). Мицотакис и Мицкоски е сомнително дали воопшто ќе си разменат ракување, но тоа не е главниот проблем на грчката страна. Она што се очекува е јасна порака од Алијансата до власта во Скопје да ги остави настрана игрите, иако сомнително е дали тоа ќе се сфати сериозно. Во секој случај, Атина им ја објасни својата позиција на клучните сојузници и постои консензус за ситуацијата“, пишува денеска Прототема.
„Плановите на Кирјакос Мицотакис се чини дека се да го изложи новото раководство на Северна Македонија пред сојузниците и да бара почитување на Договорот од Преспа. На крајот на краиштата, со сите тонови, Атина јасно стави до знаење дека европскиот пат кон Северна Македонија е затворен се додека се оспорува Договорот од Преспа“, пишува грчкиот портал Bankingnews по неговата најава дека за проблемот со Скопје ќе ги извести сојузниците во Алијансата.
Грчки „Капитал“ пишува дека делегацијата од Атина „има намера да го покрене ова прашање на Самитот, предупредувајќи ги сојузниците дека ставот на соседната земја е пречка за нејзиниот пристап во Европската унија“ и потсетува на изјавите во врска со непочитувањето на Договорот од Преспа кое почна, според грчката страна со инаугурацијата на претседателката Сиљановска Давкова.