– По железничката несреќа кај Темпи минатата седмица со 57 загинати, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис одржал средба со претставници на Европската комисија надлежни за железничкиот сообраќај, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.
Според истите информации, членовите на европската делегација на Мицотакис му ги претставиле нивните размислувања, кои ќе бидат формулирани во конкретни предлози за подобрување на работата на железничката мрежа, за безбедноста на транспортот, надградба на инфраструктурата и најдобро можно искористување на европските фондови за инвестиции во грчките железници.
Грчкиот премиер истакнал дека Грција, во рамките на целосно транспарентната истрага за трагедијата во Темпи, целосно ќе ја искористи експертизата и искуството на европските служби.
На средбата присуствувале надлежниот директор за копнен транспорт во Генералниот директорат за мобилност и транспорт на Европската комисија, извршниот директор на Европската организација за железници, претставничка на комесарот за транспорт, како и заменик- шефицата на делегацијата на ЕК во Грција.
Железничката несреќа и мерките за безбедноста во железничкиот сообраќај ќе бидат единствената тема на денешната владина седница што ја свика грчкиот премиер.