Војната во Украина, климатските промени, короната … Малку генерации доживеале толку многу кризи. Кои се последиците? Германската фондација Фридрих Еберт спроведе истражување за ова.
Како луѓето на возраст меѓу 16 и 30 години го оценуваат својот живот и положба во општеството во контекст на тековната криза? Што очекуваат од политиката и партиите? Обемното истражување на Фондацијата Фридрих Еберт, која е блиска до германските социјалдемократи, се обиде да даде одговор на тоа прашање.
Алармантна состојба, но не и резигнација
Над 4.000 граѓани со право на глас учествуваа во анкетата што беше спроведена преку телефонски и електронски средства за комуникација. „Најдовме млади луѓе со право на глас кои зрачат со изненадувачка зрелост и кои ја сметаат актуелната ситуација за алармантна, но се далеку од резигнирани“, констатира тимот од седум автори, вклучувајќи политиколози, социолози, јавно мислење и истражувачи на трендови.
Еден од најважните резултати од анкетата е дека најголем дел од испитаниците се задоволни од својот живот, но се чувствуваат и несигурни поради актуелните кризи. Големо значење се придава на социјалната и финансиската сигурност, но и на вредностите како што се семејството и пријателите.
„Сакаат да имаат добар, нормален живот“
Покрај сеприсутната тема за климатските промени, на врвот на листата на приоритети за младите се грижата за старите лица и состојбата со домувањето. „Тие многу реално го набљудуваат светот и сопствениот живот и јасно им е што можат да очекуваат. Сакаат да водат добар, нормален живот“, се наведува во анализата.
Бидејќи пораснале во време на големи пресврти и несигурност, прашањето за нив веќе не е дали ќе живеат подобро од нивните родители, туку „дали нивната генерација може да спречи голем пад“. Младите во Германија се очигледно помалку оптимисти за иднината отколку целото возрасно население во земјата.
Само една петтина се оптимисти
Три четвртини од испитаниците (74 проценти) покажуваат загриженост, а само една петтина (19 проценти) со позитивен став ја оценуваат моменталната ситуација во Германија. Од вкупниот број 69 отсто од нив се загрижени, а 24 отсто оптимисти.
Во јавноста често се изразува стравот дека новите генерации ќе бидат скептични кон демократијата, но ова истражување ја побива таа оценка. Младите процентуално се задоволни од политичкиот систем како и сите други генерации на полнолетни граѓани. Сепак, приближно половина од испитаниците „не се воопшто или малку задоволни“ од функционирањето на демократијата.
Партиите мора да покажат поголем интерес за младите
Се чини дека причината е неатрактивноста на партиите и нивните претежно постари кадри. Седум од десет испитаници сметаат дека на партиите им недостасува отвореност кон идеите на младите. Само една петтина од испитаниците велат дека политиката сериозно ги сфаќа нивните грижи. А речиси 40 отсто го доживуваат јазикот на политичарите како неразбирлив.
Сепак, повеќето мислат дека политиката има големо влијание врз нивните животи. Дури 45 отсто од испитаниците веруваат дека не можат да променат нешто во својата средина и во областите кои им се важни.
Проклетството и благословот на социјалните мрежи
Над 80 отсто од младите доаѓаат во контакт со политиката преку секојдневно консумирање медиумски содржини. Важна улога играат социјалните мрежи, но и личните разговори во кругот на семејството и со пријателите, на училиште и на работа. Каналите како Инстаграм или ТикТок имаат сомнителна репутација.
Предноста на социјалните мрежи младите ја гледаат во кратко и лесно разбирливо сумирање на темите. Младите како негативни аспекти ги наведуваат алгоритмите на социјалните мрежи и влијанието на инфлуенсерите. Според нив, опасно е кога младите против нивна волја завршуваат во „ехо-комора“ обезбедена од „меур филтри“ и кога тоа има еднострано влијание врз нив.
Недоверба во алгоритми и лажни вести
Сепак, истражувањата покажуваат дека младите луѓе се движат низ дигиталната реалност со „здрава недоверба кон алгоритмите и лажните вести“. Своето мислење го формираат барајќи пообјективни формати, кои нудат неутрален преглед на партиските позиции.
Тимот што го спроведе истражувањето им препорачува партиите да им се обраќаат на младите на социјалните мрежи. Во исто време, најважен е кредибилитетот. Од една страна, од пратениците и од политичарите се очекува да покажат стручност, но не смеат да се вообразуваат, од нив се бара да се однесуваат максимално неутрално и да користат разбирлив јазик.
„Младите се заинтересирани за политички теми“
Директорот на Фондацијата Фридрих Еберт, Мартин Шулц, кој во 2017 година како социјалдемократски кандидат беше поразен на изборите од Ангела Меркел, вели: „Младите се заинтересирани за политички теми и за учество во одлучувањето. Тоа е добар знак“.
Тој додава дека младите генерации чувствуваат дека политичките партии не ги слушаат доволно и дека оваа забелешка мора да се сфати сериозно: „Прифаќањето на политичките одлуки е од егзистенцијално значење за демократијата“.