ФБИ во четвртокот уапси младо момче вработено во Националната гарда на воздухопловството на САД поради објавување доверливи документи кои го посрамотија Вашингтон пред сојузниците ширум светот.
„Објавувањето на тајните класифицирани документи беше намерно и тоа е тешко криминално дело“, соопшти Пентагон.
Некои од најчувствителните документи беа објавени јавно на Интернет, наводно, истите се однесуваат на силата и недостатоците на украинската војска и информации поврзани со сојузниците на САД, вклучувајќи ги Израел, Јужна Кореја и Турција.
Осомничениот за објавувањето на документите што ги вознемири САД и нивните сојузници е именуван како 21-годишниот Џек Даглас Тешеира, член на Националната гарда на воздухопловството на САД, кој сега се соочува со обвиненија според Законот за шпионажа на САД.
Според BBC, тој наводно бил познат по прекарот „OG“ во групата за разговор наречена „Thug Shaker Central“ на социјалната мрежа Дискорд (Discord) – социјална платформа популарна меѓу гејмерите.
Тој бил активен во приватна он-лајн група во која разговарал за видео игри, Бог, пушки, расистички материјали и високо доверливи американски документи до кои тој имал пристап.
Џек Тешеира, наводно, бил водач на групата за разговор на социјалната мрежа, создадена во 2020 година. „Thug Shaker Central“ сочинувала меѓу 20 и 30 членови – главно млади мажи – од различни земји.
„Тој е млад и харизматичен љубител на оружје“, рекол еден од членовите на групата на Џек Тешеира, додека други додале дека 21-годишникот бил постар од повеќето членови на групата кои „очигледно сакал да ги импресионира“.
„Тој беше човек, мит. Тој беше легенда. Сите го почитуваа“, велат членовите за BBC.
Тој, наводно, користел различни кориснички имиња на Интернет, а некои од нив се TheExcaliburEffect, jackdjdtex и TexKilledYou. Тој претходно пишувал верзии на чувствителни информации и ги споделувал во групата за разговор, а наводно почнал да споделува фотографии од документите откако станал фрустриран што другите членови на групата за разговор не обрнуваат внимание на неговите објави. Така, во една прилика испрати лута порака до групата во која се пожали дека се „позаинтересирани за видеата на Јутјуб отколку за неговите објави“.
„Ако не обрнете внимание на ова што ви го праќам, ќе престанам да го испраќам“, се заканувал тој, според еден член на групата, во неколку наврати.
„Тој беше христијанин и се спротивстави на војната, сакаше само да информира некои од неговите пријатели за тоа што се случува“, вели еден тинејџер од групата за можните причини зошто младото момче ги споделил документите.
Во 2020 година, Џек Тешеира дипломирал средно училиште во неговиот роден град Норт Дајтон, Масачусетс. Една година претходно, тој се пријави во Воздухопловната национална гарда на Масачусетс – која е резерва на американските воздушни сили – приклучувајќи се на 102-то разузнавачко крило. Тој бил унапреден во 1-ва класа на воздухопловци во јули минатата година, по што бил стациониран во базата на националната гарда „Отис“ во западниот Кејп Код. Негова одговорност бил управувањето со глобалната комуникациска мрежа на Военото воздухопловство, а според достапните информации.
Неговото семејство наводно има долга историја на воена служба. Последната позиција на неговиот очув бил главен водник во единицата во која бил и самиот Џек, а тој се пензионирал по 34 години служба. Неговата мајка, од друга страна, работела во непрофитни организации кои се занимавале со ветерани, како и во Одделот за ветерани во Масачусетс. Секоја година за „Денот на ветераните“ таа редовно објавувала фотографии од своето семејство на социјалните мрежи.