Од почетокот на учебната година во соседна Србија, 60 ученици се испишале од основното училиште „Владислав Рибникар“, каде на почетокот на месец мај се случи трагедија без преседан, соопшти во петокот српската министерка за образование, Славица Ѓукиќ Дејановиќ.
На 3. мај во училиштето се случи масовно убиство кога 13-годишникот ученик Коста К. со пиштолот на својот татко на првиот час го уби чуварот и девет ученици, а тешко рани уште пет соученици и една наставничка.
„Мораме да разбереме дека децата, чии пријатели, браќа и сестри повеќе не постојат, не можат да одат во тоа училиште“, изјавила Славица Ѓукиќ Дејановиќ за новинарите во Белград.
Таа соопштила дека денес училиштето има повеќе од 1.000 ученици и ја има целата помош и поддршка од државата.
Учебната година во Србија почна овој септември со полемики дали по масовното убиство во „Владислав Рибникар“ државата ги презела сите мерки за децата во клупите да се чувствуваат безбедно и безгрижно, а нивните родители да бидат спокојни.
Од почетокот на учебната година полициски службеници дежураат во сите училишта, а Министерството за образование на Србија на сите училишни управи им испрати насоки и упатства за работа, особено во однос на безбедноста на учениците.
Учениците од петто до осмо одделение добија и нова воннаставна активност, а предметот беше наречен „Доблестите и вредностите како животен компас“.
13-годишниот ученик-убиец, кој по злосторството сам се пријавил во полиција, се уште е под надзор во специјализирана психијатриска установа, а неговиот татко, чиј пиштол бил употребен за извршување на убиството, е во притвор.
Полицијата го уапси таткото за тешко кривично дело против општата безбедност, откако било утврдено дека синот го однел на стрелишта на вежбање стрелање, а двата пиштоли и муницијата за кои поседувал соодветни дозволи ги оставил во сеф достапен за неовластени лица.
Во меѓувреме, притворот му е продолжен, меѓу другото и поради тоа што кривичното дело за кое се товари предвидува затворска казна над 10 години.