Мнозинството граѓани на САД се загрижени поради глобалното влијание на Кина, покажува социолошко истражување

Само 40 отсто од полнолетните граѓани на САД го одобруваат начинот на кој претседателот Џо Бајден се справува со односите со Кина, а мнозинството се загрижени поради глобалното влијание на Пекинг. Ова го покажа социолошкото истражување спроведено меѓу 1.274 возрасни американски граѓани во периодот од 16 до 20 февруари.

Според социолошкото истражување на „Асошиејтед прес – НОРЦ Центар за истражување на јавното мислење“, околу шест од секои 10 луѓе се сериозно вознемирени од постапките на Кина – втората по големина економија во светот по САД.

Бајден ја претстави својата национална програма за развој на инфраструктура и компјутерски чипови како дел од пошироката конкуренција со Кина, тврдејќи дека иднината е ставена на карта.

Тензиите меѓу двете земји се зголемија откако владини претставници на САД пресретнаа и соборија кинески шпионски балон пред околу две недели. Администрацијата на Бајден ги задржа тарифите за увоз од Кина и ја ограничи продажбата на компјутерски чипови во земјата. Тоа ги налути кинеските власти, кои сакаат да поттикнат побрз економски раст.