Претседателот на Русија, Владимир Путин, денес му ја честиташе 100-годишнината од прогласувањето на Република Турција на својот турски колега Реџеп Таип Ердоган оценувајќи дека соработката меѓу Москва и Анкара ќе продолжи да се развива.
„Убеден сум дека ќе продолжиме да ја прошируваме билатералната соработка за доброто на нашите пријателски народи, со цел градење поправеден и подемократски светски поредок“, ја пренесе Кремљ пораката на Владимир Путин.
„Соработката во различни сфери носи добри резултати и систематски се спроведуваат големи заеднички процеси“, нагласил Владимир Путин.
„Руско-турските односи се развиваат во духот на пријателството и соседството, што беше целосно потврдено на нашата неодамнешна средба во Сочи. Москва и Анкара успешно ги координираат напорите за решавање на клучните прашања, и регионални и глобални“, рекол рускиот претседател.
Владимир Путин истакнал дека Турција во изминатите 100 години надминала бројни предизвици и постигнала успех во економската, социјалната и во други сфери.
„Тоа е многу почитувана земја на глобалната сцена, со секое право“, заклучил Владимир Путин.