Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко (53) изјави за Би-Би-Си дека Украина можеби ќе мора да отстапи дел од својата територија како дел од мировниот договор со Русија, во време кога расте притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп да прифати територијални отстапки.
– Едно од сценаријата е да се откажеме од територијата. Тоа не е фер. Но, за мир, привремен мир, можеби тоа може да биде решение, привремено – рече тој.
Поранешниот боксерски шампион кој стана политичар нагласи дека украинскиот народ „никогаш нема да прифати окупација“ од Русија.
Тој го изјави ова неколку часа по рускиот напад со ракети и беспилотни летала врз Киев, при што загинаа 12 лица, а повеќе од 80 беа ранети.
Тоа беше еден од најсмртоносните руски напади врз главниот град на Украина во последните неколку месеци.
Рускиот претседател Владимир Путин започна целосна инвазија на Украина во 2022 година, а Москва во моментов контролира околу 20% од украинската територија.
Говорејќи за програмата „Денеска“ на Би-Би-Си Радио 4 од неговата канцеларија во центарот на Киев, Кличко рече дека е „одговорен за главниот град на Украина“, опишувајќи го како „срцето“ на земјата разурната од војна.
Тој рече дека претседателот Володимир Зеленски би можел да биде принуден да прифати „болно решение“ за да постигне мир.
Градоначалникот на Киев сега е еден од највисоките украински политичари кој јавно посочи дека неговата земја можеби ќе треба да се откаже од територијата, иако привремено.
На прашањето дали Зеленски разговарал со него за деталите за можното решение, Кличко отворено одговори: „Не“.
– Претседателот Зеленски тоа го прави сам. Тоа не е моја функција – додаде тој.
Кличко и Зеленски се политички противници. Градоначалникот постојано го обвинуваше претседателот и неговиот тим дека се обидуваат да го поткопаат неговиот авторитет.