Синдикатот на актери САГ-АФТРА (SAG-AFTRA) и студијата за видео игри потпишаа договор кој се фокусира на заштита на работниците од негативните ефекти на вештачката интелигенција (ВИ).
Со договорот заврши речиси едногодишниот штрајк.
Според Сара Елмалех, актерката која го позајмува својот глас во игри како што се Фајнал Фантази XV (Final Fantasy XV) и Кол оф Дјути: Блек Опс III (Call of Duty: Black Ops III), главната цел била да се обезбеди „етичка употреба на ВИ во индустријата за видео игри“, објави Ројтерс.
Новиот договор воведува заштита за изведувачите, вклучително и задолжителна согласност за употреба на дигитални реплики на ликовите потпомогнати од вештачка интелигенција и можност изведувачите да ја повлечат согласноста за време на штрајк.
Претседателката на СAГ-AФTРA, Фран Дрешер, рече дека договорот претставува „важен напредок во вештачката интелигенција“, поставувајќи ја основата за понатамошен развој на индустријата.
Спогодбата ги опфаќа студија како што се Активизион Продакшн (Activision Productions), Дизни Карактер Воисис (Disney Character Voices), Електроник Артс (Electronic Arts) Инсомниак Гејмс (Insomniac Games) и ВБ Гејмс (WB Games).
Новиот договор за интерактивни медиуми стапува на сила веднаш и беше ратификуван од членовите на СAГ-AФTРA, кои гласаа со 95,04 проценти „за“ и 4,96 проценти „против“.
Дополнителните заштити вклучуваат зголемување на платите за изведувачите: основната плата се зголемува за 15,17 проценти веднаш, со дополнителни зголемувања во ноември 2025, 2026 и 2027 година.
Спогодбата, исто така, предвидува дека на актерите кои снимаат движења им се обезбедуваат медицински услуги за време на ангажмани на работни места со висок ризик.
„Постојат луѓе кои не само што им ги даваат своите гласови на овие ликови, туку и своите тела, и ги ставаат своите тела на коцка за овие ликови“, рече Елмалех.
Актери кои снимаат движења, познати и како уметници за снимање перформанси, се вработени во продукцијата на видео игри за да обезбедат реалистични физички изведби што аниматорите ги користат за да создадат реалистични ликови и дејства.
Тие носат специјализирани одела вградени со сензори кои ги следат движењата на нивното тело, изразите на лицето и гестовите. Овие податоци потоа се преведуваат во дигитални анимации што се користат за создавање реалистични ликови во видео игрите.
Прекинот на работата на актерите за гласови во видео игри и актерите за снимање движења започна по неуспешните преговори за договори фокусирани на заштитата на работниците поврзана со вештачката интелигенција, што доведе до уште еден прекин на работата во Холивуд по двојните штрајкови на сценаристите и актерите во 2023 година.
Штрајкот донесе поголем повик за акција низ целиот Холивуд, бидејќи луѓето во индустријата се залагаат за закон што може да ги заштити од ризиците од вештачката интелигенција.
Законот „БЕЗ ФАЛСИФИКАТИ“ (NO FAKES), двопартиски закон во Конгресот со кој би се забранувало правењето реплика на нечиј лик и глас со вештачка интелигенција без нивна дозвола, доби поддршка од синдикатот на изведувачи СAГ-AФTРA, Здружението на филмски уметници, Академијата за снимање и Дизни.