Лидерите на Европската унија тврдат дека можат да се справат со војните кои се водат истовремено во Украина и на Блискиот Исток и паралелно внимателно да ги следат тензиите меѓу Косово и Србија и Ерменија и Азербејџан. Но, угледниот весник Politico пишува дека сето тоа треба да се земе со резерва.
„Јасно е дека конфликтот на Блискиот Исток донекаде фрла сенка на она што се случува во Украина“, изјави во средата премиерот на Белгија, Александар Де Кро.
Имајќи предвид дека европските лидери не можат да ги усогласат своите ставови кон Израел, јасно е дека војните во Украина и на Блискиот Исток навистина ги тестираат границите на надворешнополитичкиот дофат на ЕУ. Дури и прашањето за повикување на прекин на конфликтот, со цел да се дозволи испраќање хуманитарна помош во Појасот Газа, предизвика сложени дипломатски расправии.
Додека премиерот на Шпанија, Педро Санчез, силно се залага за тоа, Германија и другите земји се воздржуваат бидејќи веруваат дека долгорочниот прекин на непријателствата може да го загрози правото на Израел да се брани од исламистичките милитанти како што се Хамас. Имено, поради наследството од Втората светска војна, Берлин никогаш не сака да изгледа како да го ограничува правото на Израел на самоодбрана.
И додека руската инвазија на Украина на почетокот на 2022 година доведе до едногласна солидарност со Украинците, земјите од ЕУ не покажаа слично единство кога станува збор за Блискиот Исток. Имено, лидерите стравуваат од внатрешно-политички поделби меѓу произраелскиот и пропалестинскиот камп, како и од нападите на милитантите и масовните улични протести.
„Ова е отворен конфликт што го засега европското општество како целина, предизвикува немири во многу европски градови и секако оваа тема моментално доминира кај европските лидери“, изјавил еден функционер на Европската унија, кој сакал да остане анонимен за Politico.
А, неодамнешните терористички напади во Франција и Белгија, освен што ја зголемија атмосферата на страв, играат и во рацете на екстремно десничарските партии пред европските избори во јуни следната година. Екстремно десничарската опција „Влаамс Беланг“ веќе води на белгиските анкети, кои очигледно успеаја да ги капитализираат безбедносните неуспеси во Белгија пред терористичкиот напад во кој загинаа двајца шведски фудбалски навивачи.
„Тешко е да се менаџираат конфликтите во Украина и на Блискиот Исток во исто време. ЕУ ќе мора да го подели своето внимание и финансиски ресурси меѓу двете области. Украина ќе биде во сенка, а ќе биде потешко за ЕУ да се согласи да обезбеди голема количина на макроекономска и воена помош за Киев“, тврди Луиџи Сказиери од тинк-тенк Центарот за европски реформи.
На самитот, кој започна во четвртокот, меѓу другото ќе се разговара и за финансирањето на одбранбената индустрија на блокот. Ова вклучува дискусија за тоа како да се структурира проширувањето на Европскиот фонд за мир, вонбуџетски фонд од 20 милијарди евра, кој лидерите допрва треба официјално да го потпишат.
Украина, веројатно свесна за поделениот фокус во услови на новиот конфликт на Блискиот Исток, ги интензивира повиците за поголема помош и оружје и ги повикува западните земји да ги зголемат своите инвестиции во воена опрема, особено во муниција и против-воздушна одбрана.
Во исто време, Полска и Балтичките држави, најверните поддржувачи на Украина во Европската унија, ги предупредуваат своите западноевропски колеги да не ја губат од вид борбата на истокот на ЕУ.
„Конфликтот во Израел ни го одвлекува вниманието… Кога станува збор за приоритетите, тогаш тоа е дефинитивно Украина, тоа е главниот конфликт… Јас би ја нарекол мајка на сите конфликти на 21 век“, изјави во понеделникот, пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, литванскиот министер за надворешни работи, Габриелиус Ландсбергис.
И има се повеќе критики за начинот на кој ЕУ го решава конфликтот на Блискиот Исток – земјите во развој, особено оние од исламскиот свет, веќе ја оценија позицијата на ЕК како премногу произраелска.
„Наративот дека ЕУ е виновна за двојни стандарди и лицемерие ќе стане посилен како што се зголемува бројот на цивилни жртви во Појасот Газа, а тоа ќе го отежне постигнувањето консензус за Украина на меѓународните форуми“, вели Луиџи Сказиери.
Да потсетиме дека првичниот одговор на ЕУ на кризата на Блискиот Исток беше најавата за еднострано суспендирање на сета развојна помош за Палестинците, но ЕК подоцна појасни дека помошта ќе биде ревидирана, а не суспендирана. Урсула фон дер Лајен, исто така, беше критикувана од многумина затоа што не го повика Израел да го почитува меѓународното право при блокадата и бомбардирањето на Појсот Газа.
„Конфузијата што владееше во последните неколку недели воопшто не помага. Тоа секако не помага на имиџот на Европската унија, која треба да ги надмине разликите и да најде заеднички јазик околу повикувањето на прекин на конфликтот и испораката на хуманитарни помош“, вели Џејмс Моран од Центарот за европски политички студии.
Самитот на лидерите на ЕУ, исто така, се одржува во услови на спор на Израел со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој порача дека нападот на Хамас врз Израел „не се случил во вакуум“, што предизвика лути реакции од Израел. Португалскиот министер за надворешни работи Жоао Гомеш Кравињо ги отфрли израелските барања за Антонио Гутереш, кој е Португалец, да поднесе оставка. Но, факт е дека секое прашање за лидерите на ЕУ за тоа дали Антонио Гутереш бил во право што зборувал за третманот на Палестинците години пред нападот на Хамас, веројатно ќе отвори големи раздор низ Европа.
„Мораме да запомниме една работа, а тоа е дека конфликтот меѓу Израел и Палестина ги предизвикува најголемите поделби во светот, што ги вклучува и поделбите во рамките на Европската унија“, изјавил еден висок дипломат на ЕУ за Politico.