„Доколку претседателот Владимир Путин одлучи да учествува на претседателските избори во 2024 година, никој нема да може да се справи со него“, тврди портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков.
„Претседателот се уште не ја објавил својата кандидатура, но ако претпоставиме дека претседателот ќе биде кандидат, очигледно е дека нема да има сериозен ривал“, истакнал Димитриј Песков и додал дека – „Владимир Путин ужива апсолутна поддршка од населението“.
Владимир Путин доминира со Русија две децении, или како претседател или премиер, наведувајќи ја како свој успех стабилизацијата на огромната руска нација по хаосот што ја зафати земјата по распадот на СССР во 1991 година. Но, неговата одлука да испрати десетици илјади трупи во Украина на 24. февруари 2022 година претставува најголем предизвик за неговото владеење досега.
Овој потег ја предизвика најсериозната конфронтација со Запад од Кубанската ракетна криза во 1962 година. Западот ги воведе најстрогите санкции за руската економија, вредни 2,1 трилиони долари, вртејќи ја земјата кон Кина. Претседателот на Кина, Си Џинпинг му кажа на Владимир Путин во март дека е убеден дека Русите ќе го поддржат лидерот на Кремљ на следните претседателски избори.
Анкетите ја покажуваат огромната популарност на Владимир Путин, а во август анкета покажа дека актуелниот претседател ужива поддршка од 80 отсто од испитаниците, повеќе отколку пред војната во Украина. Анкетите покажуваат и дека 70 отсто од испитаниците ја поддржуваат руската воена интервенција во Украина, додека опозицијата и Запад тврдат дека не треба да им се верува на тие анкети.