Премиерот на црногорската Влада во технички мандат, Дритан Абазовиќ, му понуди на папата Франциск неговата земја, односно нејзиниот главен град Подгорица, да биде домаќин на нова средба меѓу поглаварот на Католичката црква и патријархот руски Кирил, што папата ја прифатил, пишува подгоричкиот портал „Дан“, повикувајќи се на неговите наоди.
Првата и досега единствена средба меѓу папата Франциск и рускиот патријарх Кирил се одржа во Куба на 12 февруари 2016 година и тоа беше прва ваква средба во историјата.
Премиерот Абазовиќ на 10 октомври минатата година во Ватикан разговараше со папата Франциск и во таа прилика соговорниците се согласиле дека се на иста мисија и дека секој на свој начин мора да придонесе за мир во тешките времиња за целиот свет.
-Предлагам Црна Гора да ја организира вашата нова средба со рускиот патријарх Кирил, што секако би придонело за мирот во светот. Би биле добри домаќини затоа што Црна Гора е пример за промовирање добрососедски односи и регионална стабилност, заедно со наследството на цивилизациските достигнувања, рече тогаш Абазовиќ.
Неговата иницијатива беше добро прифатена во Ватикан и од самиот папа, пишува црногорскиот портал.
„Можам веднаш да ви кажам дека ја прифаќам поканата Црна Гора да биде домаќин на новата средба“, наводно папата му кажал на Абазовиќ.
Папата Франциск изјавува дека отсекогаш се залагал за развој на меѓурелигискиот дијалог, а неговите односи со рускиот патријарх ги оцени како многу добри.
Папата и патријархот во Хавана изразија надеж дека расколот меѓу православните христијани во Украина ќе биде надминат врз основа на канонски норми и најавија дека унијатството не е начин да се врати единството на црквата. Во заедничката декларација тие ги повикаа и своите цркви да не го поддржуваат натамошниот развој на конфликтот во таа земја.
„Жалиме за конфликтот во Украина, што веќе однесе многу животи, предизвика безброј страдања на цивилите и го втурна општеството во длабока економска и хуманитарна криза. Ги повикуваме сите судрени страни да се вратат на разумот, социјалната солидарност и застапувањето за мир. Ги повикуваме нашите цркви во Украина да се стремат да постигнат хармонија во општеството, да се воздржуваат од непријателство и да не го поддржуваат натамошниот развој на конфликтот“, се наведува во заедничката декларација на папата и рускиот патријарх.
Иницијативата на црногорскиот премиер влезе во ватиканските протоколи и тамошното Министерство за надворешни работи ќе се консултира со Руската православна црква за евентуална организација на средба на двајцата црковни поглавари.
Дали таа средба ќе се одржи, и тоа во Црна Гора, зависи од многу фактори, од кои еден е војната во Украина.
Средбата меѓу папата Франциск и патријархот Кирил беше планирана за март минатата година во Ерусалим, но беше одложена.
Руската православна црква тогаш објави дека се надева на поповолни услови за средбата.
-Ќе чекаме поповолен момент за тој настан. Неодамнешниот разговор меѓу папата и патријархот преку онлајн комуникација беше многу топол и срдечен и помогна да се разгледаат најкритичните прашања. Останатото ќе го оставиме за подоцна, изјави митрополитот Волоколамски Иларион, раководител на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија.
Тој претходно изјави дека средбата меѓу патријархот Кирил и папата Франциск мора да биде одложена поради она што се случува во последните месеци, како и поради безбедносни и логистички тешкотии при организирањето на таква средба и медиумското покривање на настанот, пишува Дан.