Вања Ѓорчевска (14) на 27 ноември била киднапирана во влезот на зградата во која живеела, ја врзале за рацете и нозете, ја ставила во вреќа за спиење и во багажникот на украдениот „цитроен“ ја однеле надвор од Скопје. Само неколку часа по исчезнувањето, девојката е убиена и закопана во атар на селото Бразда, според досегашната истрага.
Се појавија фотографии од местото каде што е пронајдено запаленото возило, и од патеката каде што ја оделе убијците до местото каде што ја закопале а недалеку од таму беше и викендицата на родителите на главниот осомничен во нејзиното убиство.
Зградата во која што живеела се наоѓа во центарот на Скопје во близина на градскиот парк.
Кобното утро, Вања тргнала на училиште. За жал, таа никогаш не стигнала до училиште, бидејќи убијците ја киднапирале кога излегла од станот.
Некои од станарите рекоа дека не ги познаваат ниту Вања, ниту нејзините родители, додека некои ги познаваат нејзините баба и дедо, во чиј стан живее семејството.
Работник од блиската продавница изјави дека на денот на киднапирањето не забележале ништо чудно, бидејќи на работа дошле во 9, додека Вања била киднапирана околу 7 часот и 30 минути наутро.
Сепак, додаде дека мајката на девојчето дошла кај нив во средата видно вознемирена и прашала за камерите пред нивната продавница. За жал, тие не биле во функција.
Да потсетиме, Вања по киднапирањето била ставена во „цитроен“ а пред нив цело време одел „рено канго“ и била однесена на локација надвор од Скопје, во селото Бразда.