Момировиќ: Приоритет на Србија е понатамошен развој на иницијативата Отворен Балкан

 Министерот за внатрешна и надворешна трговија на Србија, Томислав Момировиќ, денеска на панелот „Градење доверба: Србија, Отворен Балкан и ЕУ“ во рамки на Конференцијата „Отворен Балкан – Форум 2“ изјави дека еден од политичките приоритети на Србија е натамошниот развој на иницијатива „Отворе Балкан“ и подлабока економска интеграција на Србија, Албанија и Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Од јули очекуваме дополнителна либерализација на пазарот на труд, кога работниците од која било од овие три земји со идентификациони броеви на „Отворен Балкан“ ќе можат да се вработат во овие земји без дополнителни административни бариери, подвлече Момировиќ, се наведува во соопштението од ресорното министерство.

Момировиќ додаде дека нема успешна и брза европска интеграција на регионот ако ние како соседи на Балканот прво не се интегрираме економски, бидејќи нашите пазари се поврзани, нашите компании се поврзани и регионалната економска интеграција „Отворен Балкан“ веќе покажува индиректен ефект на процесот на пристапување во ЕУ и дека регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ има за цел да создаде единствен регионален пазар заснован на принципите на единствениот пазар на ЕУ, а ние во Србија сакаме да видиме и други земји во регионот како дел од оваа економска иницијатива.

-За само неколку години од економската иницијатива „Отворен Балкан“ успеавме да укинеме голем број такси и сертификати, непотребни административни процедури и бариери на границите, потсети министерот.

Момировиќ нагласи дека тоа придонесе во некои случаи времето за извоз-увоз на прехранбени производи да се намали и до 50 отсто, а директните трошоци за даноци и такси се намалени и до 80 отсто, што резултираше со зголемување во обемот на трговската размена во регионот „Отворен Балкан“ за повеќе од 30 проценти.

Тој истакна дека трговската размена на Србија со Босна и Херцеговина (БиХ) е поголема од трговската размена со сите други земји во регионот заедно, а тоа е голем и недоволно искористен економски сојуз на кој мора да работиме уште поинтензивно.

Момировиќ истакна дека местото на БиХ е во иницијативата „Отворен Балкан“.